Лицата кои се опфатени со предлогот за определување мерки за претпазливост во врска со случајот „Рекет“ денеска се повикани во Основен кривичен суд Скопје да се произнесат пред судија на претходна постапка.
Пред судија денеска треба да се појават тројца од новите осомничени: Фросина Ременски, татко му на Бојан Јовановски – Боки 13 и асистенката.
Јасна Мандиќ, пак, вчера беше изведена пред судот. За неа се бараше притвор, а судот ѝ определи мерка куќен притвор.
– Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, пред судија на претходна постапка вчера беше спроведено едно лице со предлог за определување мерка притвор. По ценење на фактите и доказите во предлогот, произнесување на странките како и ценење на личните и семејни услови на осомниченото лице, судија на претходна постапка донесе решение со кое на Ј.М. ѝ определи мерка куќен притвор како и одземање на пасош и забрана за издавање нова патна исправа или друг документ за преминување на државната граница – соопшти утрово Основениот кривичен суд Скопје.
Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера ја информираше јавноста дека истрагата за „Рекет“ е проширена, односно донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.