Партијата која нема да функционира преку местни комитети и штабови и и партија која не е замислена како популистичка, да билда големо членство, а на граѓаните ќе им понуди независна опција, без опашки и долгови кон било кого.
Вака, накратко, во интервју за Плусинфо, професорката Мирјана Најчевска ја најавува новата политичка партија – Твоја партија, која ќе се обиде да им ги помати сметките на големите играчи. Најчевска, заедно со познатиот адвокат Александар Тортевски, е дел од иницијативниот одбор. Тие сметаат дека е вистинско време да се појават на политичката сцена и да бидат препознаени, затоа што во моментов граѓаните често и не можат да ги разликуваат актуелните партии во начинот на делување.
Професорке, вие сте дел од иницијативниот одбор на новата политичка партија која се најавува на политичката сцена – Твоја партија. Зошто решивте да бидете дел од неа и сметате ли дека сега е вистинско време за нов политички субјект?
– Решив да бидам дел од Твоја партија, затоа што мислам дека тоа е партија која може да провоцира промена и да поттикне излегување од затворениот круг на стагнација во кој е заробена Македонија. Веќе подолго време се спомнува потребата од нов субјект на политичката сцена и во изминатиот период беа создадени поголем број помали партии, кои навидум придонесуваа за политичкиот и идеолошкиот плуралитет. Меѓутоа, тие не понудија нов пристап, како во сопственото организирање, така и во делувањето и не обезбедија свој, препознатлив простор на делување, кој ќе адресира прецизно идентификувани потреби и ќе понуди навистина алтернативни и одржливи решенија. Во ситуација кога граѓаните, во некои клучни елементи на делувањето, не можат да ги разликуваат актуелните политички партии, има реален простор за нов политички субјект, а сега, кога сме на вратата на ЕУ, ова е уште попотребно.
Која е целта на новата партија?
– Целта на партијата е да создаде една сосема поинаква политичка клима, во која декларираните вредности ќе можат да станат практично остварливи. Ова подразбира комплексен приод, во кој се нуди сосема нова концепција на самата партија, која вредностите и принципите за кои се застапува има намера да ги промовира прво во сопствената структура и делување, и внесување на професионалноста како јадров момент како на делувањето на партијата, така и на сѐ она што ќе го понуди на политичката сцена.
Неодамна имаше состанок на иницијативниот одбор. Кој, покрај вас и адвокатот Александар Тортевски, ќе биде во раководството на партијата? Познато ли е каков ќе биде статутот на партијата?
– Поинаквоста на партијата започнува токму од неортодоксното конципирање на раководењето со партијата, кое треба да биде креирано во процесот на градење на партијата. Тоа значи дека во моментов има јадро на луѓе кои работат на иницијативата, меѓутоа конечната структура и раководно позиционирање ќе биде дел од заеднички напор на луѓето кои ќе се зачленат во партијата. Она што сигурно се знае во моментов, дека ќе се создадат сите заштитни механизми кои ќе спречат создавање на уште една султан партија, или уште една партија која се сведува на еден човек.
Статутот на партијата е во изработка и можам да кажам дека со самата иницијатива за создавање на оваа партија веќе добиваме многу идеи, многу голем внос од страна на луѓе-професионалци во различни области, што ќе обезбеди креирање на статут кој ќе понуди нова организација на партијата и поинаков начин на делување.
Како ќе делувате на терен?
– Партијата е замислена како партија која нема да делува преку местни комитети и штабови, туку преку мрежа на членство интегрирано преку социјалните медиуми и соодветните платформи. На тој начин се зголемува секојдневната интеракција на членството, се обезбедува формирање на флексибилни и целно насочени групи и се овозможува филтрирање и промовирање на најдобрите идеи и решенија кои ќе бидат застапувани од луѓето кои знаат и умеат да ги спроведат во пракса.
Што различно во својата програма ќе им понуди Твоја партија на граѓаните?
– Програмата на партијата е во процес на креирање. Токму тој процес и начинот на кој се одвива е првата разлика по која оваа партија се разликува од досегашните политички здружувања. Во своите програмски определби партијата нема да излезе надвор од она што претставува вредносна рамка карактеристична за развиените демократии и вредносен систем веќе формулиран и поставен од страна на ЕУ. Различното е начинот на кој ќе се обезбеди Северна Македонија да се вклопи во оваа рамка и начинот на кој ќе се обезбеди имплементирање на веќе изградениот вредносен систем.
Пристапот на партијата е прагматичен, со многу силен акцент на професионалноста, и со една непопуларна метода, која многу ретко се поврзува со политичкото делување: нема лажење и ветување на работи кои не можат да бидат остварени. Мислиме дека веќе има критична маса на граѓани кои не сакаат да веруваат во шарени лажги и кои сакаат да работат на остварување на реални цели кои ќе значат подобрување на животот на што е можно поголем број граѓани.
Партијата има намера да влезе на политичката сцена како независна, независна од влијанија на структури кои понатаму би го компромитирале нејзиното делување и кои би го оневозможиле остварувањето на зацртаните цели, без опашки и без долгови кон било кого. Тоа е веќе нешто сосема поинакво во партиското делување во Македонија.
Периодов е актуелена реформата на изборниот модел, сведоци сме на различни ставови, од една страна се помалите партии, од друга се големите од кои, пак, секоја е со различен став. Каков е вашиот став за тоа каков изборен модел ѝ е потребен на Македонија?
– Нашиот став е дефинитивно за цела држава една изборна единица, по можност со отворени листи, но и со корективи кои ќе овозможат родово балансирано претставување во Собранието.
За крај, имате ли проценка колкаво членство на почетокот ќе имате и кога планирате да завршите со процесот на регистрација?
– Партијата не е замислена како популистичка партија, која инсистира на голем број членови. Многу поважна е бројката на симпатизери кои во неа би виделе сериозен застапник на сопствените идеи, потреби, интереси. Членството е битно од аспект на ангажманот и работата и професионалната понуда, меѓутоа делувањето на партијата во никој случај нема да се сведе само и единствено на тоа. А тимот работи на заокружување на целот процес и се надеваме дека во многу краток рок ќе може и да ја регистрираме партијата.