Несомнен е придонесот на Стопанската комора на Македонија во вкупниот економски живот и во профилирањето на економскиот амбиент во државата. Таа била, е и ќе биде место каде се обединуваат и застапуваат интересите на стопанствениците, каде се презентираат и се соочуваат нивните согледувања и проекти и каде се предлагаат и се изнаоѓаат решенија на прашањата и проблемите кои се неизбежни во деловното работење. Стопанската комора на Македонија истовремено е активен партнер на Владата, со цел подобрување и развој на условите за стопанисување и конкурентноста на македонското стопанство, како еден од предусловите за стабилност на општеството.
Ставовите и предлозите на бизнис-заедницата се базираат на нови идеи и иницијативи, можности и афирмирање на веќе докажаните и ефикасни решенија. Оваа значајна улога на Комората и нејзиното место во економскиот систем на државата се потпира врз нејзината стручност, оперативност, креативност и аргументираност за сите прашања од интерес на стопанството.
Ова, во суштина значи дека Комората не е само пасивен партнер на државната власт, чекајќи да биде консултирана за прописите што се од значење за стопанството, туку таа има проактивна улога, предлагајќи иницијативи за донесување или менување на прописите , со цел да се отстранат определени правни празнини или недоречености, кои создаваат проблем во практичната имплементација на регулативата, или пак да се уредат одредени прашања кои се од значење за подобрување на деловното работење.
Во таа насока, би ги споменала:
– Иницијативата на Стопанската комора на Македонија за законско нормирање на холдингот , како форма за поврзување на компаниите за подобри деловни резултати (која се` уште не е прифатена, но се очекува да биде предмет на уредување при следните измени на Законот за трговски друштва, најавени за 2020 година);
– Иницијативата за воспоставување даночен календар, како временска рамка за измени во даночната регулатива која Комората ќе ја поднесе деновиве до Министерството за финансии;
– Иницијативата за обезбедување услови за практична имплементација на електронската фактура во државата;
– Ревидирање на системот на парафискални и неданочни давачки, како проект од поголемо значење кој секако дека бара и подолго време и анализи од надлежните институции, но време е истиот да започне да се разгледува, при што би требало да се земат предвид и направените детални истражувања на Стопанската комора на Македонија на овој план;
– Иницијативата за ревидирање на царинските стапки, односно измена на регулативата во насока на изедначување на царинските стапки во Република Северна Македонија, на ниво со царинските стапки за истите производи во Европската унија;
– Иницијативата за промена на третманот на непризнати расходи за определени надоместоци, усогласување на домашната регулатива со меѓународните стандарди за финансиско известување, како и други иницијативи од даночната област со кои се засегнати поголем број деловни субјекти.
Со оглед дека најголем дел од прашањата се од надлежност на Министерството за финансии, Комората на 8 октомври 2019 година организираше и работна средба со д-р Нина Ангеловска, министер за финансии во Владата на РСМ, на која беа разгледани можностите за нивна реализација.
Не помалку значајна е и Иницијативата поврзана со членот 218 од Законот за извршувањ е каде што предлагаме да се усвои решение со кое ќе се надмине нееднаквоста со која се соочуваат доверителите, односно приватните субјекти, наспроти субјектите на јавното право и да се обезбеди подобрување на ликвидноста на деловниот сектор, така што ќе се уреди дека за предмети и права во смисла на наведениот член од законот нема да се сметаат паричните средства кои се наоѓаат на сметка кај носител на платен промет и врз нив да може да се спроведува извршување без никакво ограничување. Имено, во практиката долги години претставува проблем постапувањето на претседателите на основните судови, применувајќи го членот 218, став 2 од Законот за извршување, согласно кој, во ситуации кога треба да се спроведе извршување врз предмети и права на Република Северна Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство определува кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот. Притоа, во праксата, постојат голем број случаи каде како такви се определени, ни повеќе ни помалку – сите подвижни предмети и сите парични средства кои се наоѓаат на сметка во банка и со тоа целосно се оневозможува спроведувањето на присилно извршување кон овие субјекти иако имаат правосилна и извршна пресуда за постоечки долг за кој не само што не го наплатиле навреме, туку и повеле и ја завршиле успешно судската постапката за негова наплата, но на крајот повторно се оневозможени да ја реализираат, односно да ја извршат донесената пресуда. Одредбата од членот 211 (сега член 218) ја доведува во прашање еднаквоста на субјектите во правниот промет, што во крајна линија, го попречува нормалното функционирање на правниот поредок. Токму ова прашање, години наназад преку Иницијатива на Стопанската комора на Македонија, беше посочено како проблематично, со конкретен предлог за негово надминување. Но, законските одредби сѐ уште се исти, непроменети и понатаму останува нерешен наведениот проблем. Доколку барем ова прашање надлежните државни органи успеат да го решат позитивно до крајот на оваа година како една од клучните иницијативи на бизнис-заедницата, верувам дека тоа ќе значи голем придонес во ликвидноста на компаниите кои имаат побарувања врз основа на правосилни и извршни судски пресуди, кои чекаат да се спроведат, а ќе биде и значајна придобивка за државата, од причина што со тоа ќе се даде еден позитивен сигнал дека навистина се почитува темелниот принцип на нашиот уставен поредок – владеење правото, потврдувајќи дека државните институции на дело го спроведуваат во практиката, без какви било опструкции во спроведувањето на пресудите донесени од надлежните судски институции . Меѓу најчестите причини поради кои предлозите и иницијативите остануваат неприфатени од надлежните институции се финансиските импликации кои би настанале со прифаќањето на таквите предлози, каков што е и конкретниов случај. Но, верувам дека и во таков случај, ако ова прашање се анализира внимателно и се утврди како приоритетно за реализација до крајот на годинава, секако дека би можело да се најде соодветно решение за негово прифаќање и имплементирање во практиката.
Вообичаено процесот на консултации околу предложените иницијативи со надлежните министерства, како овластени предлагачи на законите, се спроведува подолг период, често пати трае и неколку години, но целта е таквиот процес да се заврши со успех и да се создаде трајна и квалитетна регулатива, а со тоа да се зајакне правната сигурност и да се создаде предвидливо бизнис-опкружување. Ова е од причина што честото менување на прописите, поради неприменливи законски решенија, доведува до проблеми во имплементацијата на прописите, а со тоа и одолговлекување во спроведувањето на она што е нормирано, што негативно влијае врз перцепцијата на потенцијалните инвеститори и претприемачите, кои очекуваат стабилност, предвидливост и квалитетна регулатива, која нема да биде подложна на чести промени.
Секако, не може да се очекува секоја иницијатива на бизнис-заедницата да биде усвоена во целост, но исто така, јасно е дека покрај интересите на бизнис-заедницата, постојат и други причини поради кои одредени иницијативи остануваат нереализирани или се пролонгираат, а тоа се спороста на администрацијата, потребата од усогласување со други прописи кои повлекуваат и нивни измени, противречните интереси на различни засегнати страни (често и на два различни стопански сектори) и слично. Но, исто така, факт е дека улогата на Стопанската комора на Македонија, како бизнис-асоцијација е да биде активен партнер во создавањето на квалитетна и применлива правна регулатива, а тоа не може да се реализира без истрајност во визиите и упорност во барањата и иницијативите!
(Авторката е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)
ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија