Арачиновските „пилоти“ го натераа СДСМ да ја кара ТВ21

3967

Емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 за проблемите кои ги имаат жителите на скопско Арачиново и за нереализираните ветувања го вознемири владеачкиот СДСМ и предизвика преписка помеѓу партијата и телевизијата . Проблем за владеачката партија предизвика изјавата на жител кој рече дека СДСМ не го исполнил ветувањето да вработи 300 пилоти од Арачиново.

Во СДСМ ова предизвика сомнеж во мотивите на телевизијата „лице со сомнителна поздина и кредибилитет да изнесува „класична лажна вест“. Телевизијата возврати дека ваквата класификација од СДСМ за нив е навредлива и неетичка. Од ТВ21 порачаа дека и натаму преку своите емисии, ќе продолжат да ги слуша проблемите на граѓаните на кои политичките партии, а не медиумите им ветиле подобар живот.

Реакцијата на ТВ21 во целост може да ја прочитате ТУКА

Сѐ почна со изјавата на жителот Шабан Билали дека власта им ветила дека ќе бидат вработени 300 пилоти од Арачиново, посочувајќи го тоа како една од најголемите лаги што им била ветена.

Тие велат дека никој ништо не направил за младите во селото, па сами морале да одат по Амбасадите да бараат визи да се иселат од земјава.

Еве го разговорот:

-Најголемата лага е дека од Арачиново ќе заминат 300 пилоти.

– Ова ми го кажавте и зад камерите, но не разбрав добро. Кажи ми кој ви ветил дека ќе бидат вработени 300 пилоти? Овие што се на власт, социјалдемократскиот сојуз. Ќе ни раскажеш ли тука?, прашува водителот.

-Да. Значи најголемата лага е некому да кажеш – ќе се вработиш како пилот. И тоа се случи во нашето село. Залудни ветувања. На младите од Арачиново им остана само да одат по странските амбасади, да чекаат визи и да одат во странство, вели жителот на Арачиново.

I riu nga #Haraçina në #ClickPlusODA "Na premtuan se nga Haraçina do të punësojmë 300 pilotë"!!!

Posted by TV21 on Понеделник, 07 октомври 2019

На ова реагираше СДСМ дека станува збор за лажна вест.

– СДСМ најостро ги демантира лагите изнесени во телевизиската емисија „Клик плус“ на ТВ21, дека наводно на жители на Арачиново им било ветувано дека ќе бидат вработени дури 300 пилоти. Тоа не е точно.

Станува збор за класични лажни вести изнесени од страна на извесен Шаби Билали, лице со сомнителен кредибилитет. Лицето кое го изнесува ова лажно тврдење е син на поранешен кандидат за градоначалник на Арачиново кој во Грција бил уапсен за нелегален транспорт на мигранти, а бил фатен и со наркотици. Дополнително, за време на кампањата за претседателските избори Билали сакал да отвори изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Арачиново иако таа партија таму нема никаква база, што дава и оправдан сомнеж за политичка заднина на изнесените невистини.

Зачудува потребата на ТВ 21 да остава медиумски простор на личности со сомнителна позадина и сомнителен кредибилитет, кои шират лаги за наводни вработувања на 300 пилоти, иако се знае дека потребата од пилоти во државата е далеку помала, без притоа да побара став од СДСМ.
Апелираме до медиумите да ги проверуваат изнесените информации и на тој начин да дадат придонес во бробата против лажните вести, пишува во демантот од СДСМ.

Но приказната не запира тука. За арачиновските пилоти се огласи и потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири. Тој на Фејсбук напиша:

– Да веруваш дека некој им ветил на Арачиновци дека ќе се вработат 300 пилоти, е исто како да веруваш дека Мицкоски некогаш ќе стане премиер.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...