Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите на денешната седница едногласно усвои заклучок со кој го информира Јавното обвинителство за дилемата која ја увиделе при посетата на Агенцијата за национална безбедност, дека дел од наредбите биле прекинати со завршување на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање, а дел не се.
Ова денеска по завршувањето на седницата го изјави претседателот на Комисијата Емил Димитриев.
Во заклучокот стои дека Комисијата бара мислење и став на Обвинителството по однос на наведениот проблем.
– Во меѓувреме овој случај го проверувавме и со Оперативно-техничката агенцијата, со оглед на тоа што при самиот увид не ни беа дадени наредбите да ги видиме. Дел од материјалите денеска ги добивме како Комисија. Ние сепак одлучивме да го запознаеме Јавниот обвинител без да прејудицираме дали притоа има незаконско работење во делот на трансферот на наредбите – изјави Димитриев.
На собраниската Комисија, на која прва точка на дневен ред беше Извештајот од извршениот надзор над работата на АНБ, присуствуваше и директорот на АНБ Виктор Димовски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Димитриев рече дека бројот на наредбите варира.
– Едни наредби завршуваат, други почнуваат, така што тука нема константен број. Принципот на работа е ист, техниката на работа е иста од УБК со сегашната АНБ. Нашата дилема беше во тој дел бидејќи повеќето членови на Комисијата сметаме дека навистина требало да се направи прекин кога завршува УБК и со нова наредба истите тие таргети и броеви да бидат воспоставени од новата Агенцијата. Се работи за правно толкување и сметаме дека Обвинителството треба да биде информирано без да прејудицираме дали има или нема незаконско постапување – рече Димитриев.
Тој посочи дека од страна на претходниот директор има известување до Јавното обвинтелство дека сите наредби треба да бидат прекинати, но, веројатно,како што рече, ЈО се има упатено до АНБ да не ги прекинува сите наредби со оглед на тоа дека тие завршуваат брзо по почнувањето со работа.
– Ние тоа го имаме воочено и должни сме да го информираме Обвинителството бидејќи тоа е суштината на надзорот. Не смееме да ги премолчиме тие работи. Може да се и законски, но добро е сите институции бидат информирани – рече Димитриев.
Прашан за вработувањата и полиграфските тестирања, Димитриев рече дека тоа е предмет на работа на другата Комисијата за надзор над работата на АНБ.
– Се согласувам дека во изминатиот период имаше многу компромитирачки информации и ставови по однос на селекцијата, за кои треба како држава да видиме дали држат и ако навистина се направени такви пропусти да бидат елиминирани зошто не е добро оваа нова институција којашто има витално значење за нашата држава во почетокот од својата работа да ја следат вакви обвинувања. Обвинувањата се сериозни и се на линија на непочитување на законот – рече Димитриев.
Тој смета дека полиграфот и тестот за интегритет се законски одредби, не се нешто што некој треба да ги интерпретира дали треба или не треба.