Шефот на државата Стево Пендаровски денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска со драфт верзијата на Венецијанска комисија за Законот за јазиците истакна дека тој уште во кампањата за претседателските избори ја потенцирал потребата од подигнување на нивото на употребата на албанскиот јазик во земјава.
– Тоа не е тајна, јас сум го кажувал многу пати. Во однос на конкретното прашање мораме да внимаваме. Значи, станува збор за драфт, за нацрт на документ кој е пробиен претпоставувам од нечии лични или политички причини предвреме. Да почекаме да биде официјално објавен и јас би сакал да видам дали тоа што една или две странички беше објавено, а документот има многу повеќе страници дали ќе остане со истите формулации до крај. Не би сакал да се произнесувам на едно парче од документот кое е пробиено и тоа парче, тој дел, таа страница и пол до две е од драфт, значи дел од начелна верзија, не е финална верзија – рече Пендаровски.
Тој истакна дека тој за ова ќе се произнесе како една од институциите во државата откако ќе има конечна и официјална верзија на документот.