Отворено ново одделение за акутни состојби во Психијатриска болница-Негорци

Одделението има и посебна соба за фиксација, согласно препораките на Народниот правобранител.

85

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, заедно со државниот секретар, д-р Владимир Милошев денеска ја посетија Психијатриската болница-Негорци, во Гевгелија по повод отворање ново одделение за акутни состојби во психијатријата, во рамки на оваа јавна здравствена установа.

Новото одделение е изградено од темел, на место на постојното одделение, кое беше од дрвена конструкција и во значителна мера оштетено. Изградено е од цврста градба, со површина од 560 m2 и е енергетски ефикасно со – термоизолациска фасада, квалитетна столарија, соларен систем и панелен кров со највисок изолациски коефициент, соопштија денеска од Министерството за здравство.

Одделението е изградено согласно меѓународни стандарди и искуства за акутно одделение, со поделба на машки и женски пациенти, посебни простории за доктор, сестри и болничари и има посебна соба за фиксација, согласно препораките на Народниот правобранител.

Вкупната сума за оваа инвестиција изнесува над 11 милиони денари и е изградено по принцип клуч на рака.

Раководството на Психијатриската болница-Негорци, информираше дека во изминатиот период е извршена уште една комплетна внатрешна реконструкција на хронично одделение со површина од 450 m2, при што се поставени нови подови и плочки, целосно нови купатила и тоалети и извршено е реновирање на целата површина на ѕидови и тавани, при што е поставена целосно нова столарија и соларен систем за целото одделение. За оваа инвестиција беа издвоени 3.045.580 денари.

Покрај реконструктивните зафати, во изминатиот период, Психијатриска болница-Негорци се зајакна и со здравствен кадар и тоа: еден специјалист-психијатар, двајца доктори на медицина, пет медицински сестри, еден дипломиран психолог, еден дипломиран социјален работник и еден дипломиран биохемичар.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...