Боки 13 утре на распит за „Рекет“, се спрема ли спогодба за некој од осомничените?

Утре или во среда треба да биде познато и дали поранешната специјална обвинителка Катица Јанева ќе даде исказ.

1127

Првоосомничениот во аферата „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, утре ќе биде спроведен на распит во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, потврдија за Плусинфо од обвинителството.

Засега е закажан само негов распит, додека за Зоран Милески – Кичеец и Катица Јанева сѐ уште не е познато дали и кога би дале исказ.

На Боки 13 паралелно му истекува и рокот од 15 дена за увид во доказите и предлагање негови докази.

Тој во петокот во Апелацискиот суд Скопје бараше укинување на мерката притвор и тогаш, одговарајќи им на судиите, посочи дека чека да бидат завршени некои од вештачењата на лаптопите и телефоните, па потоа да даде исказ.

Утре или во среда треба да биде познато и дали поранешната специјална обвинителка Катица Јанева ќе даде исказ. Од нејзината одбраната за Плусинфо посочуваат дека досега извршиле увид во сите докази кои обвинителството ги има против неа, но оти очекуваат да бидат завршени уште дел од вештачењата.

Потоа ќе одлучат дали ексобвинителката ќе даде исказ. Ако таа реши да прозбори, тоа веројатно ќе биде во ист ден кога нејзината одбрана ќе предложи и докази. Рокот од 15 дена за Катица Јанева истекува во четврток, на 10 октомври, сметано од денот кога адвокатите писмен го примија решението за завршена истрага против неа.

Како притискаат роковите, така сѐ погласни се и гласините во јавноста дали е можно некој од тројцата осомничени да се спогоди со обвинителството. Меѓутоа, од одбраната засега нема такви најави, туку нивните коментари се воздржани во насока дека тоа е легитимна законска можност.

Кога станува збор, пак,  за обвинението кое треба да го подигне Вилма Русковска, Законот за кривична постапка (ЗКП) предвидува откако ќе завршат истрагата и рокот на одбраната за увид во доказите и предлагање докази, обвинителството има рок од 15 дена да поднесе обвинение. Овој рок може да се пролонгира и до 30 дена, ако станува збор за кривични дела од обласна на организираниот криминал.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...