Еден од најдобрите српски и југословенски новинари, Александар Тијаниќ, објаснувајќи ја суштината на пишувањето, во едно интервју кон средината на 90-тите години од минатиот век, ќе изјави:
„Понекогаш мислам дека мојата кариера и не е моја. Со недоверба ги читам своите стари текстови и се чудам колку се тие убаво напишани. Тоа не личи на мене. Списокот, пак, на моите непријатели е прилично долг – најмоќните луѓе во Србија, луѓе со многу пари и нечиста совест. За да ги надживеам тие непријатели, морав да бидам ѕвонар на Богородичната црква: грд, грбав, никаков. Но, требаше да ѕвонам далеку и силно. И во тоа е мојата моќ. Луѓето кои не ме сакаат да мораат да ме читаат и да речат – овој можеби е свиња, но за многу работи е во право“.
Кога во еден разговор Тијаниќ,му се пожалил на Брана Црнчевиќ дека со пишувањето стекнал многу непријатели, Брана го посоветувал со зборовите:„Ти велиш, сакаш да пишуваш и убаво и точно, а тоа е речиси невозможно. Избери нешто од тие две работи и продолжи да пишуваш“.
Ете така, драги мои! Кој пиел ќе пие, кој пишувал ќе пишува!
Кога го запрашале Момо Капор што најмногу сака да напише, тој одговорил:„Еден чек од милион долари“. Следното прашање на новинарката упатено до Момо било:„А дали и тогаш ќе продолжите да пишувате“? „Море нема ни да читам“,рекол Момо и заминал во легендите.
Тие, пак, пустите отсекогаш биле „чад на историјата“.
(ФБ статус на авторот)