Се случи истовремено да ја прочитам колумната на експратеникот Митре Велјановски со наслов „Велеучени, не пијте ‘мурти-бинг‘ и престанете да бидете ‘кетмани’“ објавена во Плусинфо и колумната „Центар одолева“ (оригинално објавена на англиски) од Владимир Глигоров, син на покојниот претседател Киро Глигоров, преведена во белградски Пешчаник.
За зборовите „мурти-бинг“ и “кетман“ во детали зборува знаменитиот поет Чеслав Милош во својата книга „Заробениот ум“ (1953). За нив дава доволно објасненија и авторот на колумната „Велеучени, не пијте ‘мурти-бинг…“ Сепак, зборот „мурти-бинг“ содржи уште нешто кое ако не бара некоја херменевтичка компетенција, тогаш бара малку остроумност која и не е толку честа.
Кон велеучените кои пијат “мурти-бинг“ и практикуваат „кетмен“ авторот упатува отровни стрелички, ама отровот на стреличките упатени кон власта е послаб. Врз основа на што го велам тоа? Премиер на сегашната влада е Зоран Заев, а тој е од – Муртино. Зборовите „МУРТИ-бинг“ и „МУРТИ-но“ имаат висок пресек и затоа се созвучни. А пак зборовите блиски по звучење, вели модерната теорија за јазикот, покажуваат тенденција да ги разбираме и како блиски по значење. Со оглед на тоа, треба, според тој закон на теоријата за јазикот, да разбереме дека нема разлика меѓу политичкиот стил и практика на сегашната власт под водство на Заев и апчето „мурти-бинг“, кое, откако ќе го голтнете, ве води по ваше мислење во кабинетот на Заев.
Тоа вели уште и дека Велјановски, кога упатува отровни стрелички и кон сегашната власт, тоа го прави на особен начин: деликатно и со дикат, на завиен и заобиколен начин (зошто?) кој треба да го дешифрирате. За него реториката го користи името – алузија. Тој не го прави тоа отворено, како што го прави со велеучените (интелектуалци). Затоа што тие не можат да ви затнат уста како што може власта на Заев?
Контрадикцијата која извира од опозицијта „отворено – затоворено“ остава место да се мисли дека авторот на предмеѕната колумна е некако уверен дека би дошло до некои суштински промени доколку нашите интелектуалци би биле: многу погласни (не кротки и тивки до безгласност), многу покритички кон власта и, со тоа, би одиграле улога каква што одигреле Чешлав Милош, Акександар Солженицин и Ваарлам Шаламов по однос на власта во нивните земји. Или, да речеме, Борис Пастернак, кој успеа својот роман „Доктор Живаго“ (1956) да го протури во Италија, да ја добие за него Нобеловата награда (денес знаеме: на тоа поработела колку што треба и американската ЦИА), а потоа, под притисок на советската тоталитерна власт, и да се откаже од неа.
Треба, кога сме веќе кај Пастернак, да потсетиме дека тој својот „Доктор Живаго“ (го пишувал полни дваесет години) почна да им го нуди на издавачи во тогашниот Советски Сојуз дури во времето на Хрушчов. кој, како што се знае, покрена кампaња против култутот на личноста (Сталин) на XX-конгрес на КПСС; дека добил државна вила (дача) во Подмосковјето; дека, кога неговиот брат по перо Осип Мандељштам му ја прочитал својата песна за Сталин во која имало некои „замастени прсти“ што ги споредувал со „бели црви“, Пастернак му рекол „ова не се случило, јас не знам ништо за твојата песна“; дека Сталин дознал за таа песна на Мандељштам и решил да го ликвидира; дека дури му се обратил по телефон на Пастернак со прашење дали тој Мадељштам е некој важен поет, на што авторот на „Доктор Живаго“ одговорил со долго молчење.
Што сакам да кажам со овие детали што ги наведувам тука бегло?
Дека и еден голем писател од форматот на Борис Пастернак бил, вака или онака, корумпиран од тогашната тоталитарна власт? Дека склучил некој, така да се каже, премолчан пакт со власта (компромис) за да може да работи на својата литература? Дека бил рамнодушен кон судбината на милиони кои страдале во подарктичките „концлагери“ во времето на Сталин? Не! Моите намери се далеку поскромни. Јас не верувам во некоја долотворна улога на велеучените во онаа смисла за која зборува експратеникот Велјаноски.
А еве и зошто.
Компетентната литература по тоа прашање стои на становиште дека не дојде до пад на тоталитарната власт во СССР затоа што Солженицин го објави својот „Архипелаг Гулаг“, Ваарлам Шаламов своите раскази од триесетгодишни робии на Колима, а пак Борис Пастернак својот „Доктор Живаго“. Иако стекнаа огромна популарност, како на Запад, така и на Исток (самиздат во СССР), на тоа си остана сè. Нивните романи не доведоа до масовни протести. Уште помалку до крвави бунтови кои ќе урнат власт. Зошто? Затоа што имате, на една страна, мала група на власт која располага со полиција и војска; на друга милиони кои не гинат како – маса. Гинат како единки со еден, свој живот. А се знае, од друга страна, дека стравот од смртта е многу посилен од жедта за слобода.
До падот на таа тоталитарна власт дојде затоа што еден човек од врвот на таа власт (Михаил Горбачов) во еден (погоден?) момент „застана на страната на својата совест, не на страната на својот интерес.“ (Ц. Тодоров). Значи ли тоа дека така падна и авторитарниот груевизам кај нас? Ни оддалеку не! Се работи кај нас за друго. Зборува за тоа, иако воопштено, и В. Глигоров во колумната „Центар одолева.“ Но, тоа си е веќе друга, посебна тема.
(ФБ статус на авторот)