Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев на денешната трибина „На прав пат„ во Штип истакна дека очекува пред 15 октомври да заврши истрагата со обвинителен акт за случајот „Рекет“.
– Пред 15 завршуваат 90 дена од истрагата, по што очекувам да биде завршена со обвинителен акт и граѓаните да ги знаат сите вистини. Тоа ќе го охрабри правосудството и понатаму да одлучува исклучиво и по Устав и по Закон и по сопствено убедување и затоа што ветивме правна држава, владеење на правото. Право еднакво за сите, еднакви граѓани пред правниот систем – вели Заев.
Тој забележа дека за разлика од опозицијата, којашто би го прикрила овој случај, власта предводена од СДСМ го пријавува случајот и тоа лично премиерот. Заев порача дека правната држава значи и економски раст, инвестиции, но и мотивација младите да останат во земјата.