Седиме така во „Александра паб“ каде што редовно има ладно пиво, добро вино и пристојна храна, одлично друштво и претплата на сите спортски канали. Во старите „лоши времиња“ ќе се гушевме во чад од цигари, пивото ќе беше топло, храната никаква, друштвото „тројца и дете“, а ние ќе влезевме, ќе се обидовме да разбереме нешто од крикетот, ќе му дадевме шанса на џинот и тоникот, ќе ја погледневме со презир питата со месо и бубрези (киселини од гледање доаѓаат) и ќе излезевме, главно среќни што сме излегле.
Ама сега е различно. Не само затоа што Арсенал го растура противникот (конечно, и на ќоравата кокошка ѝ се случува да колвне по некое зрнце), туку зашто со фино друштво расправаме – политика. Ни се погоди муабетот и – не ни се излегува. И фигуративно и суштински…
Видете сега, тоа можеби во некои земји е нормална работа. Секојдневие. Како беше она – седите во кафеана (на работа, на забава, на свадба, на…) и ја оправате државата! Ама тука, не се сеќавам дека сме седеле и сме ја оправале државата. Со наши луѓе, ехееееее… илјадници пати. И државата оправена, и младите вратени, и патот за „Молика“ на Пелистер писта, и земјата прва и лидер во регионот, ама каков регион, уште малку постојана членка во Обединетите нации сме ја направиле. Да доаѓаат Американците и Русите и Кинезите на консултации, а ние да им ја диктираме на Британците молбата за прием во Европската Унија! Ете толку оправена сме ја направиле со нашите.
Не ни се излегува
И седиме така со Џон, Мари и Џени и ја анализираме состојбата со претстојното напуштање на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска на Европската Унија. На телевизија се вртат реклами кои нè потсетуваат дека на 31 октомври сме аут, надвор, излегуваме од ЕУ, а гласот на спикерката нè известува за тоа, ни трие сол на рана и, згора на сè, прашува дали сме подготвени. Треба да провериме, нè подучува таа, да не ни е пасошот со истечен рок, дали имаме здравствено осигурување за Европа, дали нашите кучиња имаат валидни пасоши и да се спремиме. Добро – пасоши, здравствено, кучиња, мачиња и други домашни миленичиња, тоа е јасно – и го прави секој нормален човек пред секое патување. Ама кампања? Да не се шегува некој со нас? Се гледаме едни со други додека Арсенал го дава третиот гол и – ништо не ни е јасно. Што да се спремаме? Како да се спремаме? Физички? Психички? Интелектуално? Паѓа и четвртиот гол, а ние немаме сила да се радуваме. Збунети сме. И нервозни. И не баш среќни и задоволни.
А не сме само ние и не сме само тука. Само 50 проценти, што ќе рече половината Британци веруваат дека земјата ќе излезе од ЕУ на 31 октомври, и тоа според информации на владата. Другата половина не верува. Ние сме дел од тие „неверници“. Ниту веруваме, ниту сме подготвени, освен што пасошите ни се важечки. Сите гласавме за останување и – не ни се излегува.
Морски предлог
Ова некој мора да се шегува, велиме. Со нашиот разум и интелект. На владиниот сајт нема ништо за евентуалниот недостиг на храна и лекови, за последиците од излегувањето без договор, за справувањето со колоните возила на пристаништата, за можните протести и немири.
А она што го имаше во најновиот предлог на премиерот Борис Џонсон за границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска е, заклучуваме, заедно со ирскиот премиер Лео Вардакар и европскиот парламентарец Ги Ферхофштад (ни се зголемува друштвото истомисленици), префрлање на вината врз Брисел. Еден навистина морски предлог да се префрли границата во морето меѓу островот Ирска и островот Велика Британија и да се контролира протокот на стоки… ама што да се објаснува, да не си трошиме време, не го бива. И така, сега чекаме да видиме дали Арсенал ќе даде уште еден гол. Даде. И дали ќе има уште еден референдум. Најверојатно. И избори. Секако. Се радуваме? Не.
Инаку, за оваа кампања, за да бидеме информирани за да си ги провериме пасошите и „кучичимачичи“ владата потроши 100 милиони фунти. Ене, уште се врти на сите можни канали. Претходно, во државата имаше две вакви големи кампањи. Едната во 1948 година, кога беше воведено бесплатното јавно здравство (Ен-ејч-ес – Нешенел хелт сервис) и во 1986 година, кампањата против СИДА, наречена „Не умирај поради незнаење“. Некако симболично сето ова. Премиерот го користеше јавното здравство во својата кампања за брегзит кога лажно велеше дека 360 милиони ќе останат дома наместо во ЕУ, а насловот од втората… Ех, да се вртеше некако во кампањата за останување, благо изменета – „Не излегувај поради незнаење“.
Вака, пасошот ми е важечки. Проверено повеќепати.
објавено во „Слободен печат“