Шпанскиот селектор Роберт Морено објави список од 24 кандидати за настап на квалификациските натпревари со Норвешка и Шведска, а забележливо е слабо присуство на играчи кои настапуваат за најголемите шпански клубови.
Од Реал Мадрид има само двајца (Рамос и Карвахал), а од Барселона (Бускетс) и Атлетико Мадрид (Саул Њигез) само по еден играч. На пример, еден просечен клуб како Вилјареал има четворица претставници во „црвената фурија“.
На листата го нема младиот Ансу Фати од Барселона, кој треба да има барем еден настап за сениорскиот национален тим, за да се отфрлат сите дилеми и шпекулации околу тоа за која земја ќе игра. Фати кажа дека ја одбрал Шпанија, а татко му ја фаворизира Португалија. Ако еднаш заигра за А тимот на Шпанија, веќе ќе нема да има право да игра за друга земја.