Американскиот претседател Доналд Трамп на митинг синоќа на Флорида, ја оцени работата на телевизискиот канал Си-Ен-Ен како „срам“ и предложи да се создаде нов медиум кој ќе пренесува реални новости за земјата.
– Знаете, надвор од САД Си-Ен-Ен е многу поважен медиум отколку во самата земја. И многу од тоа што се гледа овде се емитува низ целиот свет – изјави Трамп.
Според него, често му се обраќале светски лидери со прашање „зошто Си-Ен-Ен толку ја мрази твојата земја“. Претседателот е убеден дека треба да се создаде нов медиум, сличен на Радио Слободна Европа или Гласот на Америка, кој би пренесувал коректна информација за САД во странство.
– Треба да им се пушти наша (ТВ) мрежа и да се објавуваат реални вести, бидејќи тие (Си-Ен-Ен) се толку лоши – потенцира американскиот претседател.
Како што е веќе познато, уште откако беше избран за претседател, Трамп е во конфронтација со повеќе независни американски медиуми како Си-Ен-Ен, кои, според него, водат „лов на вештерки“, „работат за демократите“, пренесуваат „лажни вести“ и се „непријатели на народот“.
Последните негови коментари беа за весниците како „Њујорк тајмс и „Вашингтон пост“, кои интензивно ги покриваат случувањата околу спорниот телефонски разговор со украинскиот претседател Володомир Зеленски во јули, по што Конгресот започна истрага за импичмент на претседатлот.
Тие весници, како и „Си-Ен-Ен“, тој ги нарече „корумпирани“.