Кривичниот суд во Скопје денеска категорично ги отфрли сомневањата дека од таму протекуваат доверливи документи од истрагата за аферата „Рекет“.
На брифинг со новинарите, Судот објаснил дека не е надлежен да спроведува истраги за протечени документи, но сепак биле извршени разговори со повеќе лица и е утврдено дека дел од исказот на Орце Камчев за предметот „Рекет“ не е излезен од судот.
За последната објавена информацијата во медиумите, за наводната понуда за продажба на исказот на обвинетиот Зоран Милески – Кичеец во случајот „Рекет“, од Судот рекле дека до нив не е пристигнато официјално известување.
Претходно и од Обвинителството за гонење на организиран криминал изјавија дека документот од исказот на Камчев не протекол од кај нив и дека доставиле копија од записниците до судот.
За протекувањето на доверливи материјали, Обвинителствто поднесе обвинителен предлог за новинарот на интернет порталот „Инфомакс“ Александар Митовски, каде беше објавен исказот на Камчев.
Според наши извори, пред бирфингот во Кривичниот суд, засилени беа сомневањата на надлежните органи на прогонот дека доверливите документи протекуваат токму од оваа институција.