Вкупно половина милијарда евра стокова размена е таргетот што сакаат да го остварат земјава и Словенија во наредниот период. За да се оствари тоа ќе треба да се зголеми бројот на производи и компании кои извезуваат од двете земји, но и да се подобри меѓусебната соработка на компаниите. Ова беше речено на денешната прес-конференција на Стопанската комора на словенечкиот амбасадор во земјава Милан Јазбец и извршната директорка на Комората Билјана Пеева Ѓуриќ.
При тоа, како што беше речено, голема улога ќе има и почнувањето преговори на земјава со Европската унија, и користењето на словенечкото искуство во економските сектори.
– Потребно ќе биде да се зголеми извозот на производите кои веќе се пробиле на словенечкиот и македонскиот пазар: земјоделските производи и производите од металната индустрија и да се прошират со нови во делот на железо и челик, металната индустрија, калапите, доломитите, мермерот, травертинот, лековите, медицинските помагала, пекарските производи и туризмот каде што Словенија има мошне добри перформанси – рече Пеева Ѓуриќ.
Според неа, соработката меѓу компаниите треба да се продлабочи секторски и со изработка на заеднички производи кај индустријата која има слични компоненти во производниот процес.
Амбасадорот Јазбец рече дека добрата размена меѓу двете држави укажува на квалитетот на словенечките и македонските производи кои можат да бидат конкурентни и на трети пазари. Тој смета дека покрај трговската размена и инвестициите се добра основа за продлабочување на соработката.
– Имате добра инвестициона клима и добро квалификувана работна сила, треба да се направи клима на добар квалитет на производите – рече словенечкиот амбасадор во земјава Милан Јазбец.
Во земјава, рече тој, има 330 милиони евра директни странски инвестиции од Словенија од кои 30 милиони евра се инвестирани годинава, што е рекордна сума досега и најави нивни нови инвестиции.
– Фабриката ТАБ ќе инвестира 15 милиони ева со што ќе се зголеми бројот на вработени од 400 на 520. ЛТХ во Охрид ќе се инвестираат 25 милиони евра и ќе се вработат 120 работници од кои 60 ќе бидат инженери. „Триглав осигурување“ се прошири и на пензиското осигурување, а НЛБ Банка е најдобра во групацијата на Нова Љубљанска банка – рече Јазбец.
Тој, додаде дека Стопанската комора веќе треба да работи на подготовка на компаниите за европскиот пазар каде што ќе можат да се искористат и словенечките искуства.
Двете земји имаа вкупна меѓусебна трговска размена од 261 милион американски долари во 2018 година или над 2,4 милијарди долари од осамостојувањето до сега.