Несериозен обид да се минира успехот на Владата во пресрет на Советот на ЕУ од каде што Македонија очекува датум за почеток на претпристапни преговори. Ова е реакцијата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност на пресот на ВМРО-ДПМНЕ на кој обвинија дека НА злоупотребила милиони евра од европските фондови.
– Колку се ограничени капацитетите на оваа партија за да ги сфати евроинтеграциите на државата се гледа од неколку работи:
Прво, најавата на Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, за наводна злоупотреба на 3 милиони евра од европските фондови преку ноќ се претвори во 170.000 евра.
Во врска со 4 организации кои наводно на сомнителен и нетранспарентен начин добиле грантови од Националната агенција, сакаме да ве информираме дека посочените организации се корисници на програмата Еразмус+ уште од 2013 година, односно од самиот почеток на програмата, кога Лидија Димова не беше директорка на агенцијата.
За маил комуникацијата преку која наводно се барале проценти за доделување на проекти, ја повикаме ВМРО-ДПМНЕ да ја достави истата до сите релеватни институции во Македонија, вклучувајќи ја и Националната агенција, како би можеле да преземеме соодветни активности согласно нашите правилници за работа.
За нападите од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека наводно Националната агенција доделила 6 милиони денари за себепромоција на Лидија Димова, ве информираме дека Националната агенција има обврска да ја промовира програмата Еразмус+ како и другите мрежи и иницијативи преку одржување на обуки, конференции, работилници и настани од сличен карактер.
Денешната прес-конференција покажа дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто не ја познава суштината на програмата Еразмус+. Како Национална агенција се обврзуваме да ги поканиме ВМРО-ДПМНЕ на следната обука за програмата Еразмус+ како би им се разјасниле процедурите и правилата на програмата за во иднина да не излегуваат со вакви смешни прес-конференции, стои во соопштението на НА и ги канат медиумните да направат сериозно истражување на тема „транспарентно користење на средствата од програмата Еразмус+.