Слободен удар – Препораки на штета на Македонија

Комисијата можеби и може тие пропусти да ги надомести преку ноќ. Со одредување датум за преговори за членство во ЕУ, да речеме. Но, Македонија уште долги години нема да види бел ден. Штета.

1492

Во заклучокот на Европската комисија за Македонија, со кој се враќа неусловената препорака за преговори, е наведено дека земјата во најголем дел ја надмина длабоката политичка криза и дека за неопходните реформи ќе бидат потребни години за да се спроведат, бидејќи штетата направена изминатите години не може да се надомести преку ноќ.

Можело, но не се кажало дека како „штета направена изминатите години“ може да се смета и тоа што Македонија седум години по ред добиваше позитивни препораки од Европската комисија и тоа некои во време кога авторитарниот режим на Никола Груевски ги уживаше своите ѕвездени мигови. Тогаш кога Македонија ни оддалеку не функционираше како држава, уште помалку како демократска. Сите нејзини институции беа заробени, партизирани, приватизирани, па затоа заклучоците од Брисел беа дочекувани и промовирани како (уште една) позитивна препорака дека владејачката гарнитура, сега попозната и обвинета како злосторничко здружение на власт, ја води државата во вистинскиот, европскиот правец. Оценките беа така напишани – ред пофалби, ред „забелешки“ – што беа за секаква (зло)употреба.

Тоа го нотираше и Христијан Мицкоски, наследникот на Груевски на лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето дали очекува позитивна препорака одговори: „Да, очекувам и ние како опозиција придонесуваме на тој план затоа што тоа е од државен интерес“. Допрва ќе се види нивниот придонес како опозиција, но заминувањето од власт уште долго време ќе биде неспоредливо најголемиот придонес на оваа партија кога е во прашање државниот интерес.
Комисијата можеби и може тие пропусти да ги надомести преку ноќ. Со одредување датум за преговори за членство во ЕУ, да речеме. Но, Македонија уште долги години нема да види бел ден. Штета.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...