ВМРО-ДПМНЕ: Преку Националната агенција злоупотребени се милиони евра од европските фондови

Сознанијата кои ги имаме укажуваат на тоа дека преку сомнителни одлуки на сомнителни евалуатори, едни исти невладини организации постојано добиваат голем дел од колачот, а не останале со куси ракави и луѓе кои биле дел од судската власт, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

300

Сериозно се сомневаме дека милиони евра од европските фондови се злоупотребуваат преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. За да имате претстава за колкави средства станува збор, само ќе напоменеме дека агенцијата за 2018 година располагала со буџет од приближно 6 милиони евра, рече на прес- конференција Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Сознанијата кои ги имаме укажуваат на тоа дека преку сомнителни одлуки на сомнителни евалуатори, едни исти невладини организации постојано добиваат голем дел од колачот, а не останале со куси ракави и луѓе кои биле дел од судската власт. Постојат сомненија дека луѓе инволвирани во целиот процес, толку биле охрабрени што дури и преку електронска пошта барале процент од парите кои би биле доделени за одреден проект, а како против услуга ја нуделе нивната помош и посредување. Стотици илјади евра на агенцијата се трошени и на сомнителни набавки кои треба да бидат интерес на органите на прогонот – рече Андоновски.

Тој ја обвини Националната агенција за нетранспарентност и дека ги крие податоците за резултатите од добиените грантови.

– Јасно е дека, во обид да го попречи развивањето на домашниот невладин сектор, директорката на НА, Лидија Димова, од само нејзе познати причини, на нетранспарентен начин ги води сите постапки за доделување на средства на невладини организации. Ненавремено објавените резултати за кои зборуваме ги немаат ниту потребните информации, кои според строгите правила на Еразмус мора да бидат објавени. Во резултатите недостасуваат информации за тоа колку вкупно проекти аплицирале, кои од проектите се на листата за чекање, со колку поени се бодувани аплицираните проекти, како и областите и насловите на проектите. Од прикажаното не може да се види ниту името на проектот, ниту колку бодови имаат наградените проекти – рече Андоновски.

ВМРО-ДПМНЕ прашува дали намерно постојано доцнат со објавување на информациите за да се фаворизираат одредени организации на сметка на останатите? Според анализата на ВМРО-ДПМНЕ, 4 од 6-те организации кои во првиот циклус во февруари 2019 добиле грантови само во оваа клучна акција 105, се грантисти од изминатите години на владеењето на Димова.

– Европски Културен Епицентар – Битола (добил 2 грантови), Младинска Алијанса Крушево – Младински сојуз Крушево (3 грантови), Сумнал Скопје (5 грантови) и Мрежа за доживотно учење Тетово (2). Зборуваме за вкупна сума од околу 170.000 евра. Ако побарате информации за овие организации, ќе видите дека дел од нив немаат достапни годишни извештаи, а раководната структура се крие како змија нозе. Ако ги видите пак нивните активисти, ќе видите дека дел од нив беа исклучително активни во т .н. граѓански протести кои го донесоа СДСМ на власт – вели Андоновски.

ВМРО-ДПМНЕ прашува дали на ваков нетранспарентен начин, Лидија Димова преку НА сака да му наштети на цивилниот сектор и да се спречи негово слободно развивање без контрола од власта?

– Дали Националната агенција и доделувањето проекти е директно контролирано од една невладина организација која е блиска до Лидија Димова и до уште неколку пулени на сегашната власт на СДСМ, меѓу кои и министри, заменици министри и сегашни и поранешни функционери?

Дали Националната агенција наместо парите да ги распределува на НВО и образовни институции во крајно спорен процес, троши над 6 милиони денари за себе промоција и маркетинг?

Дали Лидија Димова доделува огромни финансиски средства на подобни луѓе од правосудниот свет, со цел корумпирање и нивно придобивање во борбата со политичките неистомисленици?, прашува Андоновски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...