Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска цел ден се читаат транскрипти од разговори и СМС пораки за случајот „Монструм“. Меѓу разговорите кои се читаат добар дел се од лице вработено во безбедносните структури, Зоран Т., кое со разни соговорници разменува информации, меѓу кои и дека дваесетина дена пред масакрот имало информација за лица во униформи кои ќе направат некоја белја.
„Имаше информација од пред 20 дена дека има лица со униформа и дека ќе удрат во полициска станица или врз недолжни луѓе за да се слушне нивниот глас”, потсетува лицето Зоран Т. во еден од разговорите.
Во друг разговор, со друг соговорник, за лицата во униформа тој кажува дека се „таму горе” и веќе не се со амблем на УЧК, туку со Илирида. За информацијата од пред 20 дена, вработениот во безбедносните структури зборува во повеќе разговори. „Ти кажав и на тебе и на Синиша дека имаме информации дека има луѓе во униформи, дека имаат намера да се прокламираат, дека ќе удрат во полициска станица или во невини луѓе. И денеска сите ќутат никој не кажува чекај да провериме дали се можеби тие истите луѓе”, вели Зоран Т.
Тој вели дека информацијата која ја имале уште тогаш ја кажал каде што може. „Сум ја кажал и кај советник за безбедноснат на претседателот, сум ја кажал сегде кај што можам, кај што ми креваат телефон”, вели вработениот од безбедносните служби.
Од транскриптите се слушна и дека тој кажува и оти има сомнеж оти зад ова стои поранешен негов колега од граничниот премин Блаце, Башким Б., кој е во бегство поради убиство на некој друг колега од специјалните единици.
Рочиштето на кое се читаат транскрипти, е во тек, а веројатно ќе останат разговори и за следните рочишта.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. Другите двајца обвинети се во бегство во Косово, од каде до сега не се екстрадирани. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.