Бебиња и деца со срцеви мани наскоро ќе почнат да се оперираат во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје и тоа од страна на нов кардиохируршки тим од Детската кардиохирургија во кој се 15 доктори, а дел од нив се од болницата „Аџибадем“ од Турција.
Тимот денеска беше претставен во болницата, а во него е и д-р Владимир Чадиковски, единствениот лиценциран детски кардиохирург во земјава. Плус кардиохирурзи, кардиолози, педијатри, интернисти, анестезиолози, перфузионисти, медицински сестри.
Кардиохирургот Јусуф Кенан Јалчинбаш од болницата „Аџибадем“ од Турција пред неколку недели се сретнал со д-р Чадиковски во Истанбул.
– Д-р Чадиковски ни ги претстави плановите за отворање таков оддел во „Систина“. Тој е со големо искуство, повеќе години работел на Детската кардиохирургија и извршил повеќе од 400 кардиохируршки операции на деца. Во Истанбул има два центра за кардиохирургија – Атакент и Бакркој. Во последните 25 години заедно со професор Ерсин опериравме повеќе од 15.000 пациенти – рече д-р Јалчинбаш.
Тој додаде дека идејата е со здружени сили да работат понатаму и да се поврзат центрите во „Аџибадем“ во Турција и „Аџибадем“ во Скопје.
– Ќе вложиме максимални напори за да ѝ помогнеме на оваа наша, братска земја. Ќе им помогнеме на нашите колеги во болницата најмногу што можеме – додаде кардиохирургот Ерсин Ерек.
Д-р Чадиковски ги посетил болниците во Турција и бил фасциниран од комплексноста и бројот на операциите кои таму се извршуваат.
– Задоволство ми е што ќе имаме можност да направиме еден референтен, акредитиран центар во земјава за децата со срцеви мани, со помош на колегите, и, на некој начин, комплетно да ја копираме нивната успешна програма во земјава, во рамки на една заедничка корпорација, како што е „Аџибадем“ – рече д-р Чадиковски.
Како што беше најавено претходно, интервенциите ќе бидат на товар на Фондот за здравствено осигурување.
Тој очекува набрзо да почнат со интервенции – на списокот веќе се голем број деца кои треба да се оперираат.
– Се работи за повеќе тимови и две огромни болници. Кардиохирурзите од Турција ќе бидат достапни секоја недела, за секогаш кога имаме потреба да бидат присутни тука, а не како што беше претходно. Навистина сум фасциниран од тоа што го видов во Турција, посетив два центра кои работат веќе 30 години. Кардиохирурзите имаат извршено повеќе од 15.000 операции. Првпат се наоѓам во една групација, а посебно задоволство ми е да го копираме тој систем и со нивна помош тоа да го имплементираме во Македонија и првпат да имаме вистински акредитиран референтен центар за детска кардиохирургија – додаде д-р Чадиковски.
Овој тим ќе на располагање за кардиохируршки интервенции кај деца, а во следниот период „Аџибадем Систина“ има за цел да стане референтен центар за третман на вродени срцеви заболувања кај деца не само во Македонија, туку и на целиот Балкан.