Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски издаде Б-Интегрирана еколошка дозвола на скопската фирма „Кепс Монт Гроуп“ ДОО, со што е дадено зелено светло таа да почне активности на терен за изнесување на 1,8 милиони тони техногена минерална суровина од Велес во Малезија.
Станува збор за минерална суровина од таканаречениот „Црн рид“ со згура настанат како последица од 30-годишното работење на велешка Топилница, а кој е полн со тешки метали олово, цинк, кадмиум, бакар и други. Неговото дислоцирање ќе значи и спас за велешани, кои цели 16 години од затворањето на топилницата со секој ветер ги чувствуваат последиците по здравјето од прашина од црниот рид полн со тешки метали.
„Црниот рид“ на Топилницата во Велес е една од десетте еколошки таканаречени „Жешки точки“ во земјава кои им го загрозуваат здравјето на граѓаните.
Од Општина Велес, како што за МИА информира општинскиот инспектор за животна средина Билјана Шуркова Манаскова, завршена е целокупната административна постапка и градоначалникот Аце Коцевски ја издаде Б – Интегрираната еколошка дозвола на „Кепс Мон Гроуп“ ДОО Скопје и таа може веднаш да започне со активностите на терен.
– Со добивање на Б Интегрирана еколошка дозвола фирмата може уште веднаш да започне со активностите на терен за ископ и транспорт на минерални суровини од Црниот рид настанат како последица од работењето на велешка Топилница. Но, кога ќе стартува со работата на терен, тоа зависи од нив – појасни Шуркова Манаскова.
Таа потсети дека изнесувањето на суровината – 1,8 милиони тони техногена маса од таканаречениот „Црн рид“ ќе биде со камиони во наредните 48 месеци од Велес до Солунското пристаниште, а оттаму до Малезија. Од Општина Велес информираат дека за издавањето на Б-Интегрираната еколошка дозвола е направен увид на заинтересираната јавност.