Владата го поздрави барањето на челниците на ЕУ за старт на преговори со Северна Македонија и Албанија
Владата денеска го поздрави писмото што претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, неговата наследничка, Урсула Фон Дер Лејен и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли го испратија до земјите членки на ЕУ, со кое бараат започнување на пристапните преговори за членство во Унијата со Северна Македонија и Албанија.
– Писмото претставува афирмација за реформските политики кои оваа Влада ги спроведува и е уште поголем поттик во нашата работа за обезбедување на сигурна и европска иднина за граѓаните на Македонија, се наведува во реакцијата на Владата.
Во писмото челниците на ЕУ потсетуваат дека земјите членки се заложија во јуни да се навратат на прашањето и да донесат суштинска одлука по ова прашање во октомври.
– Европската Унија стои пред стратешки избор. Одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија е тест за способноста на Унијата да ги испорача своите ветувања и да гледа кон иднината, пишуваат европските челници.
Писмото до земјите членки се осврнува на улогата која ЕУ треба да ја одигра на глобалната сцена како и во заштитата на сопствените интереси. Во тој контекст, пишуваат тие, треба ЕУ да преземе чекор кон оние земји кои се заинтересирани за членство во ЕУ и кои ги исполниле критериумите за отпочнување на преговарачкиот процес.
– Северна Македонија и Албанија го направија тоа што го побаравме од нив. Исполнувањето бараше значаен напор од нивните граѓани за кои европската перспектива е голем извор на мотивација и решителност, пишуваат лидерите на ЕУ во поисмото.
Тие признаваат дека нема гаранција за успех во преговарачкиот процес и дека голем реформски напор ќе биде потребен за овие земји да станат полноправни членки. Паралелно, се истакнува во писмото, внатрешната реформа на ЕУ ќе треба да се продлабочува.
– Веруваме дека сега е време да се отворат пристапните преговори со двете земји, стои во писмото.
Одлуката за почеток на преговори за Албанија и Северна Македонија ЕУ треба да ја донесе на 15 октомври.