Разговор на рускиот амбасадор Шчербак се најде меѓу транскриптите за „Монструм“

1110

Транскрипти од разговори и СМС пораки, се читаа на денешното рочиште за случајот „Монструм“. Има над 600 транскрипти од разговори и СМС порски кои треба да се прочитаат. Обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски посочија оти на судот ги предале сите материјали како што ги добиле од СДСМ.

Во текот на судењето по презентацијата на материјалите од нелегалното следење на комуникациите, во судница ќе биде повикан и свиркачот од УБК, Звонко Костовски, да објасни за тоа како се добиени и изнесени материјалите.

Првите транскрипти кои се читаа се од денот на убиството, помеѓу различни лица, меѓу кои нема познати личности, но станува збор за неважни разговори, односно разговори кои не откриваат ништо конкретно за случајот. Во нив, непосредно по убиството лицата разговараат дека слушнале за убиство кај обиколницата, разменуваат информации за настанот што го слушнале од телевизија, за тоа што прочитале на социјални мрежи итн.

Меѓу еден од транскриптите има и разговор во кој еден од учесниците е поранешниот руски амбасадор во земјава, Олег Шчербак. Меѓутоа и овој разговор е само разменување на информации во кој соговорникот на амбасадорот му кажува за тоа што е познато за убиството, но нагласува дека нема официјални информации од надлежните. Кажува оти од жртвите четворица се убиени, а петатта – рибарот, веројатно е убиена зошто била сведок.

“Владата и МВР задоцнија со информации”, му вели соговорникот на амбасадорот, посочувајќи дека власта ги релативизира информациите за ситуацијата да не ескалира. Соговорникот кажува и дека има протести, се шират разни шпекулации меѓу населението, дека ситуацијата не е излезена од контрола, но оти е лоша. Има шпекулации, вели соговорникот, дека ова е одмазда за убиство во Тетово каде Македонец уби двајца Албанци.

Транскриптите ги чита судијата Осман Шабани, кој е во судечкиот совет кој го води Огнен Ставрев, а во судница читањето разговори го слушаат и родителите на убиените деца.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. Другите двајца обвинети се во бегство во Косово од каде до сега никако да ги екстрадира. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...