Менаџерот на Арсенал, Унаи Емери имаше причина да биде задоволен по солидната победа од 4:0 над Стандард Лиеж во Лигата на Европа.
Менторот пушти неколку млади играчи во игра и тие не го разочараа. Габриел Мартинели ги даде првите два гола во мечот, а во листата на стрелците се запиша и Џо Вилкок.
Четвртиот гол беше на сметка на Дани Себаљос. Шпанецот рече дека верува оти такви можности треба да им се дадат на младите фудбалери и дека тие треба да ги искористат.
– Шест бода по два натпревари е важно и ни дава доверба. Покажавме постојаност во текот на 90 минути и можеме да извлечеме многу позитивни страни од овој натпревар. Одлично е кога играчите даваат се од себе, како што направија вечерва. Ова е фантастична победа. На моменти имавме проблеми да ја задржиме топката, но исто така успеавме да ја сочуваме мрежата чиста. Можеме да работиме на ова и да создадеме повеќе. Некои од играчите беа уморни бидејќи имавме натпревар во понеделникот, но тие играа одлично. Ние мора да им дадеме шанса на младите луѓе и тие мора да ги искористат. Тие се блиску да играат на највисоко ниво – рече Емери по мечот.
ФОТО: EPA / WILL OLIVER