Велеучени, не пијте „мурти-бинг“ и престанете да бидете „кетмани“!

„Мурти-бинг“ е вид апче, кое, кога човек ќе го голтне, кај него доаѓа до доброволна промена на мислењето и доброволно прифаќање на политичките ставови на власта, колку и да се тие погрешни. „Кетман“ е човек кој се преправа, глуми дека ги прифаќа политиките на власта, дури и јавно и многу гласно нив ги промовира, а во суштина, длабоко во душата не се согласува,  ги презира, знае дека се погрешни и знае дека ќе пропаднат.

7662

Во далечната 1953 година, во Франција, како политички азилант, до тогаш малку познатиот полски поет, писател и есеист Чеслав Милош, ја објави својата книга есеи „Заробен ум“. Едновремено беше објавена на полски и француски јазик. За многу краток период, се разбира, освен на руски, беше преведена, речиси, на сите светски јазици, а нејзиниот автор стекна светска слава и во 1980 година ја доби Нобеловата награда.

Во тогашна Југославија стигна со задоцнување од триесетина години, некаде во средината на осумдесеттите години од минатиот век и преку ноќ стана „библија“ за југословенските интелектуалци.

Прозивката на Чеслав Милош

На кратко, едно од главните прашања кое во оваа своја книга го поставува авторот е: „Како е можно, веќе формирани, зрели луѓе, интелектуалци, да станат следбеници на сталинизмот, да ѝ служат на власта, да се прилагодат на условите кои се неприфатливи, да го загрозат сопствениот идентитет и да ја загубат својата творечка слобода..?“

Одговорот на ова, во тоа време премногу опасно прашање, го дава со два позајмени термини: „мурти-бинг“ (Станислав Игнаци Виткјевич) и „кетман“ (Жозеф Артур де Гобино).

„Мурти-бинг“ е вид апче, кое, кога човек ќе го голтне, кај него доаѓа до доброволна промена на мислењето и доброволно прифаќање на политичките ставови на власта, колку и да се тие погрешни.

„Кетман“ е човек кој се преправа, глуми дека ги прифаќа политиките на власта, дури и јавно и многу гласно нив ги промовира, а во суштина, длабоко во душата не се согласува,  ги презира, знае дека се погрешни и знае дека ќе пропаднат. Но, тоа го прави, најчесто, поради своја материјална корист.

Чеслав Милош, иако не со име и презиме, туку со алфа, бета, гама, делта (упатените знаеле за кого станува збор), ги прозва најголемите интелектуални имиња во тогашна Полска.

Чеслав Милош започна, Варлам Шаламов, Александар Солженицин и после нив многу, многу други – продолжија. Сталинизмот заврши така како што заврши и како што заслужуваше.

Работите не ни чинат…

Денешното македонско општество, се разбира, нема никаква допирна точка со сталинизмот. Тогаш, сосема нормално, ќе се постави логичко и здраворазумско прашање: Зошто ваков вовед на ова „писание“? Наједноствано кажано: затоа што, и после 28 години независна, суверена и самостојна Македонија, рабитите не ни чинат.

А зошто не ни чинат?

Затоа што имаме убедливо најнизок животен стандард во Европа;

Затоа што имаме убедливо најголемо класно раслојување и нерамномерна распределба на приходите меѓу богатите и сиромашните;

Затоа што не создадовме праведно општество со еднакви можности за сите;

Затоа што не создадовме опшество со социјално независни и слободни граѓани (еден од основните принципи на социјалдемократијата);

Затоа што создадовме општесво на беден клиентилизам, во кое се мисли со главата на Големиот брат (Орвел), а не со сопствената (во неа, најверојатна, нема ништо – основен предуслов за успешна кариера);

Затоа што имаме урнисан правен систем;

Затоа што имаме урнисано здравство;

Затоа што имаме урнисано образование;

Затоа што, во еден правец, секојдневно заминуваат стотици млади луѓе…

Со оваа анафора може да се продолжи до бесконечност, но верувам, сите објективни ќе се согласат дека ова е реалната состојба и сосема доволно за потврда на тезата дека работите, воопшто, не ни чинат.

И, сега, пак, многумина, со право, повторно ќе прашаат: Што имаат интелектуалците – велеучените (А. Вангелов) со тоа што не ни чинат работите во Таткојната (Крушевски манифест)? Ќе речат: За тоа, единствено, виновни се политичарите!?

Но, дали е баш така? Што беа виновни Чеслав Милош, Варлам Шаламов, Александар Солженицин и многу, многу други за сталинизмот? Место да го критикуваат и да бидат затворани и протерувани, можеа да си молчат и да си уживаат ви сите овоземски убавини што со себе ги носи власта.

Ако има уште такви што мислат и веруваат дека политичарите самоиницијативно ќе се откажат од привилегиите што со себе ги носи власта („Наша куќа – наше ќесе, што сакаме то ќе прајме…“ – пратеничка од ВМРО ДПМНЕ додека беа на власт) и ќе се саможртвуваат за доброто на „широките народни маси“, се во голема заблуда, бидејќи науката, многу одамна, има многу соодветен термин за таквите – утописти, утопија – нешто што не постои…

Заробен ум – заробена држава

Можни решенија:

Социјални протести и бунтови!?

Нема ниту независни ниту самосвесни синдикати, едни ќе протестираат, други ќе контрапротестираат. Евентуална, некаква мала, козметичка придобивка за мачкање очи и собирање, или, поточно, негубење политички поени, барем додека имаме вакви – никакви синдикалисти.

Независни медиуми и новинари!?

Да, ама колку се такви во Република Македонија? Еден или два?

Гласот на велеучените!?

Да. Но, под еден услов: да не пијат „мурти-бинг“ и да престанат да бидат „кетмани“. Да се обидат Вистината да им биде помила од нивните привилегии.

Додека премиерите и министрите докторираат за време на нивните мандати и додека умот, пред сѐ, на велеучените, е заробен, не во НАТО и во ЕУ, туку и во некоја сѐ уште неформирана вселенска заедница да влезе Македонија, ние ќе имаме заробена држава.

(Авторот е поранешен пратеник)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...