Средбата се одржува во многу битен момент за нашите евроатлантски аспирации односно истовремено со објавувањето на Извештајот на ЕК за состојбите и напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, рече вицепремиерот Бујар Османи по средбата со делегација на Република Чешка предводена од потпретседателот на чешкиот Сенат, Јири Шестак.
Во оваа насока Османи изрази задоволство од досегашната поддршка за европската интеграција на земјава од страна на Чешка, како во рамките на Европската Унија, така и во рамките на земјите од Вишеградската група.
За време на средбата Вицепремиерот накусо се осврна на изминативе девет месеци во кои Македонија успеа да испорача исклучително продуктивна реформска агенда, чија валоризација се случува токму денес, со излегувањето на Извештајот на Европската Комисија за напредокот и состојбите во земјава, во кој се очекува чиста и безусловна препорака за Република Македонија.
– Денес истекува и рокот за реализацијата на Планот 3-6-9 кој ја исполни својата суштина и со имплементација од над 90% од предвидените реформи ја врати Македонија на евроатланскиот пат – истакна Османи, додавајќи притоа дека успешното спроведување и реализацијата на Планот 3-6-9 која очекува денеска да биде крунисано со веројатно најдобриот извештај на Европската комисија за состојбата и напредокот на земјата на евроинтегративниот пат.
Османи посочи и дека земјата останува на реофрмскиот пат и по завршувањето на Планот 3-6-9, и тоа во насока на имплементација на процесите кои произлегуваат од Шесте водечки иницијативи на Стратегијата 20-25 на Комисијата, како и од сугестиите, коментарите, забелешките кои ги очекуваме во денешниот Извештај на Комисијата.