Боки 13: Моите лик и дело не укажуваат дека ќе бегам, живеам за докажување на вистината

2363

Првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, заедно со неговиот адвокат Сашо Дуковски, денеска во Апелацискиот суд во Скопје на јавна седница ги образложуваа жалбите за мерката притвор и побараа второстепениот суд да ја укине.

Како што известивме Боки 13 во неговото обраќање најмногу зборуваше за здравствената состојба, но се осврна и на причините за кои Основниот кривичен суд го смести во Шутка. Боки 13 се наоѓа во притвор по три основи: можноста за влијание на сведоци, повторување на делото и опасноста од бегство.

– Ниту мојот ментален склоп, ниту поврзаноста со семејството, ниту моето лик и дело укажуваат дека ќе бегам. Кога бев лишен од слобода не бегав туку тргнав на уплатен одмор од 7 дена. Најважната работа е тоа дека јас живеам за докажување на вистината на овој случај, на својата невиност. Свесно кажувам дека сум тука целосно со сите мои сознанија, факти и докази да учествувам во фер кривично-правна состојба – порача Боки 13.

Адвокатот Сашко Дуковски, за првата причина – влијание врз сведоци, беше дециден дека мора да отпадне оти истрагата е веќе завршена и тие на 23 септември примиле решение за тоа. За можностите од бегство и повторување на делото, бранителот рече дека во образложението од Кривичниот совет во Основниот суд, советот се однесувал како осомничениот Јовановски веќе да е виновен за се.

– Ова е едно од многуте илјадници решенија на Кривичен совет каде си дозволува советот да биде и обвинител и да одлучува дека осомничениот е веќе виновен за се – рече Дуковски.

За пример, тој посочи што во решението за притвор како причина е наведен степенот на кривична одговорност, што спред него, укажува дека советот одлучил дека Јовановски е веќе виновен и тоа е недозволиво. Советот во решението за притвор го навел и соочувањето со евентуална можност за казна затвор.

-Тоа не може да биде основ, се работи за човек кој не бил во судир со законот, со постојано место на живеење… Судот може и мора да примени поблага мерка – рече адвокатот.

Дуковски се повика и на праксата на судот во Стразбур дека притворот треба да биде ограничен на најкратко можно време. За здравствената состојба на Боки 13 адвокатот зборуваше на крај од неговото обраќање. На судот му достави и медицинска документација. Посочи дека осомничениот секој втор ден се носи на клиниката за торакаларна хирургија за да прима терапија и да се интервенира. Според мислењето на професорот лекар кој го третира во болница, посочи Дуковски, Јовановски треба да биде хоспитализиран, а и помалку пари чини да лежи во болница отколку секој втор ден да се транспортира од затворот до Клиничкиот центар.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...