Исказот на второосомничениот во „Рекет“, Зоран Милески – Кичеец, бил понуден на одбраната во овој случај, дознаваме од извори во истрагата. Според нашите информации, понудата била дадена во телефонски разговор кој се случил изминатите денови во попладневните часови.
Понудата доаѓала од машко лице, но до информации за сумата која ја барало лицето во разговорот не дошло бидејќи понудата била експресно одбиена. За повикот кој стигнал до одбраната, неофицијално, запознаена е и обвинителката Вилма Русковска.
Според нашите извори, со случајот наводно се очекува да се спроведе внатрешна истрага за тоа како исказот протекол во трети раце за што ќе се проверуваат и снимки од безбедносни камери во последните дваесетина дена.
Инаку, при увидот во доказите откако заврши истрагата за „Рекет“, на одбраната на Бојан Јовановски и Катица Јанева, не им беше даден исказот на Кичеец за да направат увид.
Во овој случај, само Кичеец има дадено исказ, додека Боки 13 и Катица Јанева, тоа ќе го направат откако ќе направат увид во доказите.
Фото: Канал 5