Денеска го разгледувавме извештајот на комисијата за селекција за премин на вработените од УБК во АНБ. За жал, морам да констатирам дека во делот на ова не се испочитувани неколку законски норми. Јас ги кажав тогаш, стојам на она што го кажав вчера, а тоа се тестот за интегритет, полиграфско тестирање, мислењето од Антикорупциска. Иако датумот на донесување на одлуката требаше да биде 20-ти, да бидам искрен, тоа беше еден тежок процес и многу краток период за да се реши целата работа, рече денеска Трајчо Димков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
– Меѓутоа факт е дека не се заврши во тој дел и субјективноста иако е субјективно мое мислење она што успеав да го видам, се плашам дека во делот на оценките имаше субјективност. Реагирав за време на процесот дека има одредени проблеми, сугерирав за одредени размислувања за лица кои што сметав дека можеби треба да влезат во АНБ, затоа што се со долго искуство, долг стаж, биле началници. Сугерирав, ве молам имајте ги предвид тие луѓе се со големо искуство, да не се направи штета или некоја лична можеби не толку партиска, туку лична кавга и за тоа да бидат слабо оценети – рече тој.
Димков вели дека во АНБ не добиле вработување ниту некои лица кои имале обуки и сертификати на високи рангирани служби за таа потреба.
Тој вели дека дал поддршка на крајот на процесот, се со цел да можат тие луѓе да влезат во службата.