Го гледав Ден Дончев, директорот на Фондот за здравство, во „Топ тема”, со Жане Лупевска и со др. Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ. Николов прв пат го гледам, еве на телевизија. Што велат другарчињата, сега си се знаеме од телевизија.
Со Ден Дончев се знаеме малку подолго и малку повеќе, не само од телевизија. Тој е чувар на нашата здравствена каса. Не сум проверил прецизно, ама велат дека во таа каса се слева една четвртина од парите што државата ги собира од народот.
И го гледам човеков на телевизија, онака збунет, дефокусиран, неартикулиран, неубедлив, на моменти дури и смешен, па си велам – бреј, на овој човек две овци врзани да му дадеш да ги чува, ќе ги изгуби. Или со волкот ќе ги поделат… А сепак, тоа е „нашиот” Дончев, менаџерот, експертот, махерот. Што ли му се случило?
Неговиот собеседник Николов го „закла” со едноставни, логични прашања, дилеми што си ги поставува секој нормален граѓанин на оваа земја. Портирот од Фондот да го пратеа на дебата, мислам дека подобро ќе му парираше.
Лупевска, искусен модератор во вакви дебати, очигледно забележа дека на Ден нешто ми се стемнило и дека на моменти беше дури и отсутен од темата, губејќи се во своите неразбирливи дигресии, во еден јалов обид да докаже дека и за неговите глупости е виновна некоја претходна власт. Се потруди Жане да го фокусира со директни и едноставни прашања, ама Ден изгледаше како некаков блесав студент дојден на испит по договорена гратис шестка, а професорот сепак решил да го испраша.
Повторно, по кој знае кој пат, Дончев јавно призна дека знаел за истрагата што обвинителот ја водел против фирмата „Диамед” дури и тогаш кога истрага немало (а не смеел да знае). Па призна дека знаел за плановите што ќе се истражува и за наводно истраженото известил трети лица (а не смеел), не било кои, туку претставници на шведскиот инвеститор. Па одби јавно да изусти едно резолутно „не” за обвинувањата за неговите наводни ујдурми со Зоран Милевски Кичеец… Катастрофа!
Најважно на Дончев му беше да го реши лингвистичкиот спор, односно прашањето зошто аферата била наречена „Рекет 2″, кога рекет, како што тврди, немало. Ма не зезај, друже Ден, кога те видов онаков збунет, сфатив дека ништо нема да се смени и аферата да се наречеше „Аполо 13″!
И ако и вие, како и јас, некогаш сте се запрашале од каде Зоран Заев за чувар на здравствената каса го избрал баш Ден Дончев – за кого некој деновиве беше напишал дека е единствениот Австралијанец на печалба во Македонија – конечно го добивме одговорот. Не, нема тоа никаква врска со заедничкото родно Муртино. Ни со партиски пазарења. Едноставно, Ден Дончев е олицетворение на финансиската дисциплина.
Внимавајте, добива Ден логично прашање зошто, при сознанија за наводни страшни далавери во „Диамед”, неговиот Фонд, со негов потпис, на фирма против која се води истрага (а не се води, ама нејсе, он така знае), пред време, пред договорениот рок за исплата од 120 дена, и исплаќа 3 милиони евра. Мртов ладен, Дончев одговара – поради финансиска дисциплина!
Ако сум јас принц на новинарската метафора, Ден е принц на финансиската дисциплина! И ај сега, имај срце, па не тури еден ваков дисциплиниран експерт, менаџер, печалбар, за директор на Фондот за здравство!
Инаку, во врска со тоа како оперирал Ден Дончев во бизнисот и колку е загрижен за интересот на граѓаните, а богами и дисциплиниран, сум слушнал многу шпекулации. Ама вие немојте да верувате во шпекулации и во лажни вести. Еве, имајте малку трпение и преслушајте ги „бомбите” што самиот Заев ги објави, докажувајќи како Никола Груевски, со посредство на Ден Дончев, правел далавери со прочуениот Газда Нини при продажбата на Македонска банка. Заев ги емитуваше овие „бомби” за да ни ги прикаже злоделата на Груевски, нормално, но вие обрнете внимание колку е посредникот Дончев (во бомбите именуван како Соговорник) професионален и дисциплиниран во договарањето на зделката.
Сега, сфаќате ли за што ви зборувам? Кај ќе најдете вие ваков одговорен и дисциплиниран човек? Инаку, за да не помислите дека јас нешто измислувам, треба да знаете дека за ова е воден судски процес, во кој Заев докажува дека снимките ги добил токму од Дончев.
За ова прочитајте малку во оваа вест на порталот Фокус.
Тоа е тоа. Да не се лажеме, Ден Дончев не е наивен човек и е премачкан со многу масла. Само, сега некако не му е денот. Му се стемнило нешто и никако да му раздени. Е па сега, други времиња идат во Македонија Северна…
Финансиска дисциплина рече, а? Хахахахахахаха!