Посетата на Помпео е враќање на голема врата на САД во регионот, оценка на Пендаровски и Ѓукановиќ

581

Посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на регионот во која се вклучени и Северна Македонија и Црна Гора претставува враќање на голема врата на САД во регионот, оценија на денешната прес-конференција во Скопје  претседателите на двете држави Стево Пендаровски и Мило Ѓукановиќ.

Ѓукановиќ нагласува дека посетата е на линија на зголеменото присуство на САД во нашиот регион нешто што го посакуваме, вели, и потсетува на помошта на Вашингтон во надминувањето на војните во поранешна Југославија, на склучувањето на Дејтонскиот договор, како и на поддршката од американска страна за земјите од регионот на патот  кон усвојувањето на европските и евроатлантските  вредности.

Во меѓувреме, нагласи, тоа внимание и попушташе, се случуваа и други надворешно политички приоритети и тоа во значителна мерка придонесе дел од проблемите кои се пренесени од времето на распаѓањето на екс Југославија да останат нерешени до денешен ден, пред се односите меѓу Белград и Приштина и нефункционалноста на Босна и Херцеговина.

-Очигледно ни е потребна помош и поддршка од американска и од европска адреса успешно да ги совладаме проблемите кои уште траат, да ја зајакнеме стабилноста, да ги реализираме реформите кои ќе помогнат да го усовоиме европскиот и евроаталнтскиот систем на вредности и да го достигнеме европскиот квалитет на живот. Во тој контекст многу е охрабрувачко засиленото внимание на американската администрација кон нашиот регион и ќе помогне во блиско време да ги надминеме проблемите пренесени од претходниот период и уште поодлучно да тргнеме на патот кон економскиот и демократскиот напредок, рече Ѓукановиќ.

Според претседателот Пендаровски, посетата е добра од повеќе аспекти имајќи предвид дека последна посета на вака високо политичко ниво се случи во 2001 година од страна на тогашниот државен секретар Колин Пауел.

Нагласува дека по 18 години имаме посета на вакво политичко ниво и тоа е се само не куртоазна посета, а заклучокот за значењето на посетата го извлекува и од, како што вели, структурата на неговата регионална посета.

– Прво оди во Италија која е една од клучните држави во целокупниот медитерански басен, потоа оди во Црна Гора – најновата членка на НАТО, доаѓа кај нас држава која за неколку месеци треба да стане 30  земја членка на Алијансата и ја завршува својата регионална посета со Грција која е една од клучните држави на јужното крило на НАТО. Значи не доаѓа во регионот заради тоа што е преостанато како проблем или предизвик да се решава, туку со оглед на земјите кои ги посетува значи дека доаѓа да им оддаде признание на оние кои и досега беа со години на евроатлантскиот курс посочувајќи ги тие вредности и принципи и кои со својот пример покажуваа и на својата околина во поширокиот регион дека тоа е најкусиот и најефикасниот пат кон изградба на демократско и просперитетно општество – рече Пендаровски.

За него симболика има и тоа што посетата на Северна Македонија се организира во Охрид.

– Се надевам дека тоа значи враќање на голема врата на САД во регионот затоа што е неспорно дека сите клучни предизвици од нашата независност до денес за нашата земја беа решени со голема поддршка од САД. И убеден сум дека преостанатите прашања во регионот кои се многу битни и можат да значат и регионална дестабилизација ако не бидат решение на задоволство на сите нас во регионот не можат да бидат решени ако САД директно не се вклучени во сите тие процеси – рече Пендаровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...