Делови од искасапен коњ фрлени во канализациската мрежа, ја запреа работата на Пречистителната станица во Струмица, соопшти струмичкото ЈПКД „Комуналец“.
– Во Пречистителната станица за отпадни води се случи несекојдневна ситуација која ни предизвика огромни проблеми, материјални трошоци и краток застој во работата. Некој намерно и неодговорно го отворил капакот на канализациската шахта, го искасапил животното и остатоците ги фрлил во канализацискиот систем. Дефектот се санира, а Пречистителната станица за отпадни води покрај сите проблеми нормално ја извршува својата функција – информираат од струмички „Комуналец“.
Настанот е пријавен кај комуналниот инспектор на Општина Струмица, а од комуналното претпријатие апелираат до граѓаните за совесно и поодговорно однесување, посебно во делот на користење на канализациската мрежа.
Фото: Канал 5