Рамковски во „Стадион“ најави обнова на А1 во мултимедијална форма ВИДЕО

Рамковски зборувајќи за седумте години поминати во затвор нагласи дека бил подготвен да попушти ако Груевски му шепнел дека ќе удри врз неговото семејство.

1043

И по толку години, гледачите не заборавија на А1, која и денес е неопходна. На А1 рекламите чинеа 25 евра по секунда, сега највисоката цена е едно евро. Тоа враќање би било во друга форма. Сега со техничко-технолошките промени интернетот, социјалните мрежи, кабелските мрежи, може и полесно да се стигне до новите гледачи. Луѓе секако ќе има – и од старата екипа и нови, млади. Мислам дека и пари, кои јас лично ги немам, ќе се најдат, има заинтересирани, истакна Велија Рамковски, сопственик на поранешната најгледана телевизија А1, во емисијата „Стадион“ на Радио Канал77.

Рамковски зборувајќи за седумте години поминати во затвор нагласи дека бил подготвен да попушти ако Груевски му шепнел дека ќе удри врз неговото семејство.

– Тоа е ужасна средина. На пример, еден тоалет на сто луѓе. Бев во иста просторија со луѓе осудени за убиства, наркомани, коцкари… Но, немав пrоблеми ни со луѓето од управата, а ни со осудениците со кои делевме се. Ме викаа чичко Велија. Немав никаков инцидент во сите години. Спортував и излегов витален, иако многумина велат дека од затвор само гроб бил полош. Се чувствував невин и затоа низ сето тоа успешно поминав. Но, жал ми е за моите. Да ми речеше Груевски или некој околу него: „Слушај, ќе ти ги уапсиме и синот и ќеркат“а, ќе попуштев. Чесно кажувам, ќе попуштев, но никој не ми кажа такво нешто – рече Велија Рамковски.

На прашањето и забелешката дека своевремено беше близок со Никола Груевски, тој одговори дека тоа било кратко време.

– Мојата партиска авантура траеше кратко и беше насочена за развој на земјоделството. Заради земјоделството и контактиравме со Груевски. Тој уште во 2008 година ми го покажа мегаломанскиот проект за „Скопје 2014“. Не ми се допадна некој арогантно и по свој вкус да диктира историја и да става масовно споменици и тоа за изминат период од повеќе од 2000 години. Си реков – не одам со овој човек. Тоа е причината, а не некакви пари за телевизијата. Па, тој тогаш истураше пари и владини реклами по сите телевизии – се наврати Рамковски на периодот од пред десетина години.

На прашањето, дали е разочаран што не се пуштиле „бомбите“ за А1 кои евентуално би можеле да бидат основа за реотворање на судскиот процес и дали за тоа му се лути на премиерот Заев, Велија Рамковски одговори:

– Наводно имало такви „бомби“ и требало да бидат пуштени. Но, јас не знам ништо за тоа. Заев го сметам за човек кој има душа. Двапати сум бил кај него. Тој ги отвори вратите кон ЕУ и НАТО. Македонија никогаш не била толку високо во светската политика. Затоа, Заев за мене е историска личност – вели Рамковски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...