Пападимулис, Ферxофштад и Шулц даваат поддршка за позитивна одлука во октомври

199

Јасни пораки на поддршка дека Македонија заслужува и треба да добие позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври, кога нашата држава очекува датум за почеток на преговорите со Европската унија се изнесени на денешните средби на премиерот Зоран Заев со Димитрос Пападимулис, заменик претседател на Европскиот парламент, Ги Ферхофштад, пратеник во Европскиот парламент и поранешен премиер на Белгија и Мартин Шулц, поранешен претседател на Европскиот парламент и поранешен лидер на Социјалдемократската партија на Германија.

На средбата на премиерот Заев со заменик претседателот на Европскиот парламент, Пападимулис, констатирано е дека нашата држава направи големи чекори во решенијата на билатералните прашања со соседите и во домашните реформи и дека никој не би можел да оди против тие резултати. Оценето е дека нашата држава секоја година е се подобра во реализацијата на реформите и дека тој напредок е видлив и во следниот период треба да биде уште повидлив за Европа, соопшти владината прес-служба.

Ферхофштад, пак, пренел силна поддршка од новоформираната група на либерали во Европскиот парламент којашто јасно ги изразува очекувањата да бидат вреднувани постигнувањата на Република Северна Македонија и препорачува отворање преговори со нашата држава. Оценката е дека ваквиот исход од октомврискиот Совет на ЕУ ќе биде добра мотивација и за напредок на регионот.

Како што е наведено во соопштението, на состанокот на  Заев со Шулц е посебно нагласена потребата од позитивна одлука во октомври од страна на Советот на ЕУ за европските перспективи на нашата држава, бидејќи тоа е добро и за Европа, којашто има потреба од стабилност и реафирмирање на европските вредности.

Констатирано е дека Европа мора да возврати на искрените политики на дијалог што донесоа решенија на големи прашања, како што беше билатералното прашање со Република Грција бидејќи тоа е позитивна порака и за целиот регион.

Премиерот се заблагодарил на европски претставници за изразените заложби за европскиот напредок на Македонија, посебно за континуираната недвосмислена поддршка што доаѓа од Европскиот парламент.

– Ние сме добар пример на држава којашто носи храбри одлуки на решенија, којашто покажува на дело почитување на европските вредности како што се дијалогот, транспарентноста, слободата, демократијата и ќе бидеме само од помош на регионот и на Европа. Посветени сме на политики за нови инвеститори, раст на платите, социјални бенефити, враќање на парите кон граѓаните, а економските можности во голем дел се резултат на отворените перспективи за полноправно членство во НАТО, што го очекуваме на крајот на оваа или почетокот на следната година, како и најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ. Потребна ни е чиста, позитивна одлука од Советот на ЕУ во октомври, за да продолжиме да ја развиваме државата и да придонесуваме во развојот на регионот и на Европа – рекол Заев во разговорите на билатералните средби.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...