Печат со дата од 2018 година деновиве им бил ставен на граѓани кои аплицирале за субвенции за печки на пелети во Министерството за економија, дознава Плусинфо.
Граѓаните го забележале погрешниот датум на печатот дури откако се вратиле дома, па сега се загрижени дали поради оваа грешка може да останат без субвенции.
Плусинфо побара одговор од Министерството за економија, од каде што рекоа дека во нивната архива е направена техничка грешка.
– Се работи за погрешна година на печатот со кој се заверуваат апликациите, но датата е точна. Техничката грешка е направена само на мал број апликации и е отстранета. Овие апликации влегуваат во изборот бидејќи датата и часот на аплицирање, но и името на апликантот, се заведени во Архивата и нема да има никаков проблем, ниту пак ќе бидат исклучени при објавување на листата на добитници на субвенции за печки на пелети – рекоа оттаму.
Триесет милиони денари се предвидени за субвенционирање на лицата кои сакаат да купат печки на пелети. Годинава, првпат половина од вкупната сума, односно 15 милиони денари се предвидени за субвенционирање на ранливите категории на граѓани.