Имаме европски Закон за следење на комуникациите, ама нѐ демне и „Големото уво“

Не станува збор за следење на телефонските разговори, туку за чување на податоци кои секој граѓанин и пред донесувањето на овој закон можеше да ги добие од операторот, во случај да сака да направи проверка на својата сметка, објаснува Локвенец.

300

Контроверзи, недоумици и сомнежи за можни злоупотреби предизвикува делот од новиот Закон за следење електронски комуникации (прислушување), во кој на прво читање остава впечаток дека мобилните оператори кои се должни да ги чуваат основните податоци на сите телефонски корисници, вклучувајќи ја и нивната локација, во последните 72 часа, можат лесно да станат мета на натрапници од „Големото уво“ и да ги загрозат граѓанските слободи и права.

Се отвораат неколку прашања и дилеми – Ќе бидеме ли сите таргет на прислушување ? Како ќе ја заштитиме приватноста ? Која е гаранцијата дека метаподатоците на корисниците нема да завршат како и некои од „бомбите“, кои под рака од нигде никаде и од сѐ уште неидентификувани сторители беа закачени на Јутјуб? Ќе бидат ли под опсервација на мобилните оператори сите корисници, а не само оние кои се се сомничат како огрешени пред законот? Ќе поскапат ли телефонските услуги ако се знае дека мобилните оператори на своја сметка ќе треба да ја спроведат големата безбедносна операција, а не само тридневното чување на метаподатоците? Што ако јавниот обвинител кој ќе го пишува налогот за прислушување влезе во некаква тајна марионетска игра? Може ли тој да ги пречекори законските надлежности?

После скандалот на „Кембриџ аналитика“ и резилот на Фејсбук ретко кој не се сомнева дека безбедноста на податоците на корисниците може да биде климава работа и лесно да влезе во замката на злоупотребите.

Пратеникот Хари Локвенец, кој беше дел од работната група која подолго време работеше на законските измени и детално ги анализираше и еропските искуства, за Плусинфо тврди дека Законот за следење на комуникациите не треба да ги загрижува граѓаните, ниту борците за човекови права.

– Нема место за какви било злоупотреби, сомнежи или какви било прекршувања на човековите права и слободи. Законот за следење на комуникациите беше донесен со поддршка и на опозицијата. Седумдесет и двочасовното чување на метаподатоците не ги загрозува правата на граѓаните. Тука не станува збор за следење на телефонските разговори, туку за чување на податоци кои секој граѓанин и пред донесувањето на овој закон можеше да ги добие од операторот, во случај да сака да направи проверка на својата сметка. Тоа се податоци кои се однесуваат на базната станица на која сте приклучени, со кои броеви сте комуницирале и колку траеле разговорите – вели пратеникот Хари Локвенец, кој непосредно учествуваше во подготовката на измените на новиот Закон за следење на комуникациите.

Локвенец вели дека и досега операторите од безбедносни причини ги чувале метаподатоците, но дека сега законски ќе се овозможи тоа да биде 72 часа, искуство преземено откако работните групи разгледале повеќе европски закони.

Сепак, напоменува Локвенец, никој освен јавниот обвинител не може да има увид во метаподатоците за друг корисник ниту во содржината на разговорите, кои се следени со судски налог, наспроти дилемата што ја предизвика членот од Законот кој ја регулира обврската на операторот за чување на метаподатоците, а која се однесува на сите корисници, а не само на оние што се под истрага.

Надзорот и контролата над мерките за следење на комуникациите што се спроведуваат од овластените органи како и надзор над операторите и ОТА, според законот им се доверува на Собранието, на Советот за граѓанска контрола, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на лични податоци и на Народниот правобранител. Според пратеничката Фросина Ременски– првпат во  Македонија во системот на следење на комуникации има најголема законска гаранција за обезбеден надзор и контрола над овластените органи.

Ова е сериозен чекор во давањето гаранции за неповторување на незаконско следење на комуникациите во Македонија од една страна, вели Ременски, а од друга страна и гаранција дека човековите права и слободи ќе се почитуваат од сите институции.

Законот за следење на комуникациите во минатата недела во Собранието доби поддршка од 86 пратеници. Законодавецот гарантира дека нема да има прислушување без судска наредба и дека нема да бидат погазени човековите слободи и права утврдени со македонските Устав и закони, но и со ратификуваните меѓународни договори. Овој закон е стокмен според препораките на групата високи експерти за системски прашања предводени од европскиот стручњак Рајнхард Прибе.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...