Партнерството меѓу новинарите и судиите во рамки на едногодишното функционирање на Судско-медиумскиот совет резултира со потранспарентни судови, почести брифинзи со новинари и понавремени соопштенија за јавност, а ќе продолжи и во иднина со повеќе обуки и работилници за судиите, новинарите и портпаролите за унапредување на судската транспарентност.
Ова беше посочено денеска на проектна конференција на проектот „Зајакнување на капацитетите и функционалноста на Судско-медиумскиот совет“ во организација на Здружението на судиите и Амбасадата на САД.
Дајана Палекин, офицер за политички прашања при Амбасадата на САД во Скопје, најави дека амбасдата преку Бирото на Стејт департментот доделила нов грант на Здружението на судии за продолжување на поддршката на Судско-медиумскиот совет.
– Со новиот грант ја препознаваме успешната работа во рамките на советот. Партнерството меѓу новинарите и судиите резултираше со поотворени судови, почести брифинзи со новинари, понавремени соопштенија за јавност, пренесување во живо на судски пресуди, присуство на стручна јавност на судски рочишта затворени за јавноста, како и работилници за едукација на униформирани стандарди за судско известување, со цел да се избегне сензационализам и дезинформации – изјави Палекин.
Тој посочи дека во следните 12 месеци очекуваат да видат уште посилни релации меѓу медиумите и судството за да се зголеми пристапот до информации во врска со тековни предмети од јавен интерес, дека ќе бидат организирани повеќе обуки и работилници за судиите, новинарите и портпаролите за споделување на искуства и унапредување на судската транспарентност.
– Се надеваме дека Судско медиумскиот совет во иднина ќе биде самоодржливо тело, што ќе се залага за одговорност на медиумите и судска транспарентност низ целата држава – изјави Палекин.
Претседателот на Здружението на судии Џемали Саити, изјави дека од многуте настани и анализи утврдиле дека транспарентноста е коректор на носителите на власта, вклучително и судската власт.
– Утврдивме дека транспарентноста е потреба на судиите и обврска кон граѓаните. Од тие причини сметавме дека корисници на развојот на транспарентноста се судиите и граѓаните, а трансмитери се новинарите. Успеавме да направиме кохезивна средина која профункционира и ги даде своите резултати – изјави Саити.
Тој посочи дека Судско медиумскиот совет е поздравен и од Стејт департментот и нотиран во извештајот за напредокот на државата.
– Сметам дека сите ние ќе придонесеме веста да не биде само желба на уредникот и политиката или само потреба на судијата. Дека веста нема да биде вчерашна, туку моментална, сеопфатна и објективна. Сметам дека во таа насока многу ќе помогне експертизата од САД, изјави Саити.
Заменикот проектен координатор Андреј Божиновски, посочи дека Судско медиумскиот совет е алатка за промоција на судската транспарентност составена од 21 член, замислен како неформална платформа за соработка меѓу судиите и новинарите.