И со истечена лична карта ќе може да се земе лек на рецепт

Може 100, 200 или 300 милиони денари годишно повеќе да се трошат за ова намена, но очекуваме со контролните механизми да се избалансираат досегашните непотребни издатоци за лекови, изјави Заев.    

524

Граѓаните од утре ќе може да подигнат лек на рецепт од аптека и доколку им изминал  рокот на важење на личната карта или ако се уште не им е сменета адресата на живеење, па една адреса стои во овој документ, а друга е напишана на рецептот.

Ова денеска на заедничката прес-конференција во Владата го потврди директорот на ФЗО, Ден Дончев, кој нагласи дека граѓаните нема да имаат проблеми при подигање на лековите и во овие случаи – друга адреса или неважечка лична карта , бидејќи Фондот за здравство, како што кажа, ги има податоците од осигурениците.

Од утре почнуваат да важат неограничени квоти во аптеките и лекови на рецепт што се на товар на Фондот ќе може да се земат секој ден во месецот, не само до 5.ти или до 15. во месецот како што најчесто беше досега. Само ќе треба да приложат лична карта или пасош, а на истиот начин ќе може да земат лек и за други лица, постари граѓани, деца или за лица со посебни потреби. Документ за лична идентификација граѓаните ќе треба да приложат и кај матичните лекари.

Во врска со тоа дека Дирекцијата за заштита на лични податоци има забелешка на најавеното скенирање на лични податоци при подигање на лекот во аптеките, Дончев ја дообјасни првичната најава за поставување скенери во аптеките, која треба да уследи за неколку месеци.

– Тоа е пропуст, далеку од тоа дека ќе се скенираат личните податоци. Ќе има читачи во аптеките и личните податоци нема да се зачувуваат, туку само ќе се читаат, додаде Дончев. Тој нагласи дека веќе нема да има потреба ни од барања за рефундација на пари за купените лекови од примарната листа што досега ги немаше на рецепт, за што досега граѓаните мораа да земаат и други документи, како конзилијарни мислења и друго за Фондот да им ги врати парите.

– Со новиот систем сите аптеки добиваат еднакви услови за работа на ФЗО во реално време ќе има увид на застој и недостаток на лекови, рече Дончев.

Но државата ќе ги засили и контролните механизми и кај матичните лекари и во аптеките за оваа новина добро да може да функционира, бидејќи, како што нагласија надлежните, досега имало злоупотреби со издавањето лекови на рецепт од страна на некои матични лекари.

Во врска со тоа имаат ли проценка колку ќе чинат неограничените квоти со лекови,   премиерот Зоран Заев рече:

– Може 100, 200 или 300 милиони денари годишно повеќе да се трошат за ова намена, но очекуваме со контролните механизми да се избалансираат досегашните непотребни издатоци за лекови – изјави Заев.

Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека бил успешен пилот проектот неограничените квоти којшто летово функционирал во туристичките места.

– Охрид, Струга, Гевгелија, Ресен, Дојран, тука беше најголем притисок, особено во летните месеци кога туристите ги трошеа лековите на жителите. Овојпат, таму сите имаа пристап до лековите во летните месеци – рече тој.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...