Во црквата Сант Суплис во Париз денеска се одржува погребот на поранешниот претседател на Франција, Жак Ширак, кој почина минатата недела, јави дописникот на МИА.
Повеќе стотици гости веќе пристигнуваат во црквата Сант Суплис, за богослужбата која ќе ја води епископот на Париз, Опетит.
На мисата се очекуваат 80 странски личности, шефови на држави и влади, поранешни лидери и членови на кралски семејства.
Покрај рускиот претседател Владимир Путин, треба да присуствуваат неговите италијански колеги Серџо Матарела, претседателот на Конго Денис Сасу Нгуесо, либанскиот премиер Саад Харири и унгарскиот Виктор Орбан. Во петокот германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и белгискиот премиер Шарл Мишел го најавија своето присуство. Од друга страна, Мароко синоќа соопшти дека кралот Мохамед VI, кој е болен, ќе отсуствува. Тој е претставен од неговиот син, принцот Мулај Ел Хасан.
Во Париз се присутни политички лидери кои заедно раководеа со Ширак, како поранешен германски канцелар Герхард Шредер, поранешниот американски претседател Бил Клинтон, поранешниот шпански премиер Хозе Луис Родригез Запатеро и поранешниот претседател на Сенегал, Абду Диуф.
Во текот на целиот вчерашен ден до раните утрински часови неколку илјади Французи му оддадоа почит на нивниот поранешен претседател. Во знак на почит за Жак Ширак ќе забие и најголемата камбана на Нотр Дам, која и покрај пожарот остана на местото и за првпат по ослободувањето на Париз ќе забие рачно.
Претходно, за семејството на Ширак беше одржана приватна церемонија во 9 часот и трисет минути, по што следеа воените почести во дворот на Инвалидите.
По мисата во Сант Суплис која започнува во 12 часот, Жак Ширак ќе биде погребан во присуство на неговите најблиски, на гробиштата Монпарнас. Според желбата на неговата сопруга Бернадет, тој ќе почива во сводот на нивната најстара ќерка, Лоренс, која почина во 2016 година.
Во 15 часот во администрациите и училиштата на цела Франција, каде денеска е ден на жалост, ќе има една минута молчење во негова чест.
На погребот на Ширак е најавено отсуството на претставниците на поранешниот Национален Фронт, Бунтовна Франција, а остана забележан и молкот на актуелниот американски претседател Доналд Трамп.