Министерството за надворешни работи на Косово им забрани влез во земјата на официјални претставници на властите во Србија, со цел да го спречи нивното учество и агитирање во кампањата за изборите што ќе се одржат на 6 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.
Шефот на кабинетот на вршителот на должност министер за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли, Јетлир Зиберај преку својата страница на Фејсбук објави дека властите во Приштина ја донесоа оваа одлука поради притисоците што врз српската заедница во Косово ги врши официјален Белград.
– Изборите од 6 октомври се избори на Република Косово и на нејзините граѓани. Официјални лица од Белград не можат и ќе бидат спречени да водат изборна кампања за косовските избори. Нема да се толерираат ниту заканите врз српската заедница во Косово од страна на Белград. Белград ја знае реалноста во Косово и треба да се однесува согласно таа реалност, да го почитува Уставот и законите на Косово – напиша Зиберај.
Одлуката на косовското МНР уследи по реакциите на неколку партии на косовските Срби, обединети во коалицијата „Слобода“, кои го обвинуваат Белград дека врши притисок, со уцени и закани, врз српското население во северно Косово, во полза на партијата Српска Листа (СЛ), која има отворена поддршка од властите во Србија и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Меѓу лицата на кои им е забранет влез во земјата е заменик-директорот на канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Дамјан Јовиќ, кој за одлуката на Приштина рече дека претставува продолжување на „репресијата и политичкото насилство врз српското население и врз Српската листа“.
Јовиќ за косовската телевизија на српски јазик „Мост“ изјави дека во текот на вчерашниот ден требал да посети неколку населени места во општините Србица и Вучитрн и дека намерата му била да ги повика тамошните Срби да гласаат за СЛ.
– Приштина треба да разбере дека српскиот народ не гласа за СЛ поради нас, на кои ни се забранува влезот, туку српскиот народ ја поддржува СЛ бидејќи ја сака Србија и тоа никој нема да го смени – изјави Јовиќ.
Порталот Коха.нет објави дека и другиот заменик-директор во српската Канцеларија за Косово, Душан Козарев, во саботата бил запрен од косовската полиција на патот Ранилуг – Новобрдо, во близина на границата со Србија, по што бил принуден да го напушти Косово.