Новинарката Јорданка Ивановска- Јоци , на својот Фејсбук профил објави дека вчеравечер била нападната од колегата Томислав Кежаровски, откако претходно на социјалните мрежи влегле во преписка за состојбата во медиумите. Кежаровски за случајот нема дадено изјава во медиумите, но во телефонски разговор за Канал 5 не негирал дека се случил инцидент.
Тој, како што јавува Канал 5, само кратко рекол дека секогаш ќе реагира доколку некој на било кој начин ги навреди неговите сопруга и дете.
Ивановска- Јоци во детали раскажа како се случил инцидентот за кој тврди дека е снимен од безбедносните камери и дека „снимките ќе ги видат тие што треба да ги видат”.
Таа тврди дека инцидентот се случил вчера во 20, 28 минути, на улица Мите Богоевски во населба Лисиче, каде што била вербално нападната од Кежаровски додека била во сопственото возило.