Македонци во Србија: Го заборавивме јазикот, децата губат интерес да го учат

Организаторот на истражувањата и на тркалезната маса, Славе Груевски од Здружението на Македонци од Горњи Милановац и член на Националниот совет на македонското малцинство во Србија изјави дека проблеми постојат во повеќе области.

503

Во Србија постојат 48 регистрирани македонски здруженија и асоцијации и 22 755 лица кои се декларирале како Македонци на пописот од 2011 година, покажуваат резултатите од истражувањата направени минатата година во рамки на проектот на Здружението на Македонци од Моравичкиот регион-Даме Груев, финансиран од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија.

Истражувањата беа презентирани на тркалезната маса „Македонците во Србија, денес и утре“ што се одржа денеска во Белград на коешто припадници на македонското малцинство во Србија од повеќе здруженија ги презентираа своите размислувања за положбата во Србија, со предлози за подобрување на состојбата во остварување на правата во образованието, културата, информирањето, службената употреба на јазикот и писмото и политичкото организирање, јави дописникот на МИА од Белград.

Според истражувањата, во Србија 63 отсто Македонци полесно се изразуваат на српски јазик, за разлика од 21 процент кои полесно се изразуваат на македонски јазик. Околу 14 проценти изјавиле дека не се изјасниле слободно за својата национална припадност, а 90 проценти немаат гласано на досегашните избори и референдумот поради немањето македонски пасош или неинформираноста. Околу 22 проценти од испитаниците изјавиле дека политичките односи меѓу двете држави се добри, а 15 проценти дека се лоши.

Организаторот на истражувањата и на тркалезната маса, Славе Груевски од Здружението на Македонци од Горњи Милановац и член на Националниот совет на македонското малцинство во Србија изјави дека проблеми постојат во повеќе области.

– Проблемите се во образованието-го заборавивме јазикот, културата-немаме стратегија и незнаеме кои содржини да ги применуваме, информирањето-не ги користиме електронските медиуми за популаризација на нашето малцинство. Кај политичкото организирање, 60 проценти се малцински партии, имаме три партии, мораме да се организираме и да бидеме заедно и на следните избори да имаме пратеник, како што имавме порано – изјави Груевски.

Во Србија со години на Белградскиот универзитет во Ниш, во Нови Сад…нема лекторат по македонски јазик и полека се губи интересот за учење на македонскиот јазик.

– Минатата година наставата по македонскиот јазик изучуваа 225 деца во осум училишта во цела Србија, што зборува дека тој е во исчезнување. Ако не се преземат посериозни мерки, денес-утре ќе испадне како на овие простори да не живееле Македонци. Посебен проблем е што наставниците не го познаваат доволно македонскиот јазик. Повеќето наставници кои се вклучени во овој процес, немаат доволен фонд на часови. Се работи за мешовити одделенија со различна возраст на децата и доколку сакаме да постигнеме успех, со над 85 проценти од учениците треба да се работи индивидуално, бидејќи тие доаѓаат со различна подготовка и знаење на јазикот, изјави новинарката Верка Митковска, член на Здружението Блаже Коневски од Панчево.

Резултатите од истражувањето и материјалите од трибината ќе бидат доставени до Националниот совет (НС) на Македонците во Србија, до трите македонски партии и асоцијацијата на здруженија, за да се помогне во изработката на нова стратегија и нов пристап за работата и остварувањето на малцинските права на Македонците во Србија, но и за нов пристап на Националната стратегија на Северна Македонија за дијаспората.

На тркалезната маса „Македонците во Србија, денес и утре“ учествуваа преставници од Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград, од Македонската асоцијација на бизнисмени во Србија, повеќе македонски здруженија, но не и преставници на трите македонск ипартии во Србија и претседателот на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...