Ако никој не е над законот, дали новинарите за текст што го напишале може да одговараат? Дали обвинителството е пречувствително кога се чини дека не се раководело од протоколи за заштита на списи­?, пишува Љупчо Поповски во новата колумна за Дојче веле.

„Никој не е над законот“ – објави пред некој ден спикерот на американскиот Претставнички дом, Ненси Пелоси, кога соопшти дека почнува процедура за импичмент на претседателот Доналд Трамп по откривањето на компримитирачкиот разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Речиси во исто време, Врховниот суд на Велика Британија објави дека премиерот Борис Џонсон донел незакоснка одлука да го суспендира парламентот на одреден начин измамувајќи ја кралицата. Претседателката на Врховниот суд, Бренда Хејл, не толку директно, но со иста јасност како Пелоси, порача дека ни во Британија никој не е над законот, па макар тоа бил премиерот.

Во Македонија имаме слична реторика, научена како стихотворба, но нејзината вистинска суштина е целосно спротивна – Сите (политичари) се над законот. Без оглед дали биле сегашна власт и опозиција (или обратно) меѓу нив како да има еден некажан завет на молчење дека не треба да се одговара. Најмногу за корупција или за незаконско стекнување моќ. Но во јавната сфера некој понекогаш треба да одговара. На таа листа одвреме навреме доаѓаат новинарите. Нема власт на светот која гледа на новинарите како на пријатели. Дури и оние што ѝ служат (или имаат поголемо разбирање) од разни мотиви не се пријатели на власта, туку се само инструментализирани за политичка цел. Некои додуша тоа го прават од тврди идолошки побуди, но тие тогаш не гледаат ниту сакаат да гледаат понастрана од тесниот видокруг. Така е и во Македонија (и генерално на Балканот), можеби само попримитивно

Има ли протоколи

Ако никој не е над законот, дали новинарите за секоја нивна постапка или секој текст што ќе го напишат може да одговараат? За поттикнување расна омраза, на пример, за лажни вести кои може да внесат немир во општеството или да му наштетат на некој поединец, компанија или институција, или да оддаваат тајни кои државата за да се заштити себеси или нејзините функционери ги класифицирала како забранети за јавноста. Случајот со новинарот на „Инфомакс“, Александар Митовски, околу објавувањето на дел од записникот од исказот на Орце Камчев за случајот „Рекет“ и најавата на обвинителството дека ќе го гони за оддавање службена тајна, уште еднаш го отвори прашањето дали новинарите се над законот или, пак, институциите на системот мислат дека журналистичкиот свет секогаш треба да биде под законот. Како што двајца други колеги беа повикани на распит во МВР летоска поради што објавија аудио снимка која го става во исклучително комплицирана ситуација генералниот секретар на Владата околу набавката на фамозниот радар.

Состојбата во македонскиот журнализам, мора да се признае, е во некаков полуконтролиран хаос. Ниту владејат некакви професионални скрупули за самозаштита на дејноста, ниту изгледа дека некому му е грижа за тоа. Многу викање, многу лажни вести, многу класично партиско новинарство, многу потрага по сензционализам… Всушност, во голема мерка – многу ништо. Објавувањето на факсимилот од исказот на Камчев, во основа, имаше неколку цели: да се задоволи гладта на јавноста за детали од спектаклот кој дојде неочекувано, да се подигне читаноста на порталот (за кого Советот за етика во медиумите само лани донесе три одлуки за прекршување на професионалните и етичките стандарди и за објавување дезинформации); и веројатно најважната од сите, да се поткопа политичката гарнитура на власт и да се инкасираат политички поени на сметката на опозицијата.

Најважното прашање од овој случај – дали обвинителството има право да гони за оддавање службена тајна се загуби во политичката врева околу тоа кој добива а кој губи. И дали во овој случај се работи за постапка на свиркач или за некој што оддал тајни кои може да нанесат непоправливи штети за една кривична истрага, кои може да вознемират лица и семејства, па дури и да ја доведат во опасност безбедноста на некои од споменуваните. Порано редакциите (барем оние поголемите) имаа обичај да консултираат правници пред објавувањето на вакви чувствителни документи и каква може да биде штатата за медиумот. Сега тоа го нема не само поради десперадоското новинарство, туку во поголема мера и поради осиромашените медиуми. Сега сопствената декларација дека си новинар треба апсолутно да те ослободи од сѐ за она што го пишуваш или кажуваш.

Инстинктивна реакција

Здружението на новинарите реагираше повеќе инстинктивно во целиот случај, трудејќи се да ги одбрани колегите, без оглед дали се негови членови или не, што е разбирливо. Но наводите во соопштението дека „доколку Обвинителството настојува на продолжување на обвинителниот акт ќе побараме од Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинителниот предлог со цел да се запре постапката“, не се најдобрите аргументи. Како и тврдењето дека „начинот и леснотијата со кои Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт за оддавање службена тајна во предистрага… отвора сомнежи за нетранспарентност и селективност во постапката“.

Се разбира дека не е добро кога обвинителството поднесува обвинителен акт против новинар кој објавил документ за кој има голема сензитивност во јавноста поради загадочноста на целиот случај, но прашање е дали новинарите треба самите да се третираат како кастинска гетоизирана група на која сѐ ѝ е дозволено. Па така наместо да се бара обвинителството да го пронајде кртот во сопствените редови (или можеби во судот) вистинското прашање е дали има безбедносни протоколи во тие две институции и ако има дали некој се придржува кон нив. Затоа што тоа е поважната приказна. Затоа што сега е случајот со исказот на Орце Камчев, претходно можеби биле и други случаи за кои јавноста (а особено политиката) немала некој специфичен интерес, а можеби во иднина ќе се случат и други. Дали ова е случај на некаков свиркач (како што според многу параметри беше настанот околу сомнителната набавка на радарот) или пак некоја личност ја искористила леснотија со која функционира обвинителството или судот па не следен од никого во речиси шпионска акција ја снимил првата страница од исказот.

Ова не се мали дилеми за професијата новинар, ниту за еснафските здруженија, ниту пак за начинот на којшто постапи обвинителството. Илузорно е да се бара предистрагата или истрагата на обвинителите да била транспарентна – па тоа го нема во ниеден правен систем, затоа што би настанала општа збрка (замислете, кога американските обвинители ја истражуваа коруптивната шема на поранешниот претседател на ФИФА, неверојатно моќниот Сеп Блатер, и секои три дена да објавуваа во името на некаква транспарентност до каде е нивната истрага ќе беше ужасно непрофесионално). Но исто така е илузорно јавноста да чека обвинителите да се вратат од одмор па да продолжи истрагата за случајот кој сѐ уште е на усните на секој граѓанин на оваа земја.

Овие сериозни дилеми – што може и на каков начин да се објави, овие два-три дена ги почувствува големиот „Њујорк тајмс“, кога собра голем дел од гневот и на прогресивната и на конзервативната јавност, објавувајќи дека свиркачот кој ја пренесе содржината на контроверзното и незаконско барање на Трамп до украинскиот претседател да ги истражува работите на Џо Бајден во Украина, бил дел од ЦИА. Користејќи три извори, а не контакти со самиот свиркач, „Њујорк тајмс“ објави детали по што беше обвинет дека ја загрозува безбедноста на информаторот. „Тајмс“ беше обвинет дека со ваквото откривање на личноста (иако не го спомена нејзиното име) им нанесол удар на сите оние кои можеби мислеле да се охрабрат и да изнесат детали од коруптивните и незаконски постапки на владата. Весникот тврдеше дека во Белата куќа знаеле за идентитетот на свиркачот многу брзо откако тој во август го пријавил случајот кај генералниот инспектор на разузнавачките агенции, но и дека моќниот претседател не можел да го запре текот на настаните. Она што „Њујорк тајмс“ го напиша, потоа го потврдија и „Волстрит џорнал“ и Асошиетед прес, но остана вината за него.

Приказната на важен начин ја покажува зрелоста на американската демократија. Жалбата на свиркачот (кој не го слушал разговорот на Трамп со Зеленски, но ја дознал неговата содржина од оние што го слушале) за чудните намери на претседателот го почнала својот пат во разузнавачката заедница преку генералниот иснпектор, преку кој се овозможува легална заштита на свиркачот. По неколку дена веќе станало јасно дека таа жалба го пробила патот и во администрацијата, па во Белата куќа на 14 август веќе биле информирани за жалбата до ЦИА. Во наредните недели било информирано и Министерството за правда преку разузнавачката заедница.

Белата куќа и Министерството за правда првично се обиделе да блокираат жалбата да отиде во Конгресот каде би била разгледана и дури откако почна изтрагата за импичмент тие објавија нејзина редактирана верзија. Но нешто можеш да спречуваш одредено време, но не постојано. Така беше и со оваа жалба на човекот од ЦИА. Најпосле таа се претвори во огромен товар за Доналд Трамп, а процедурата за импичмент штотуку почна.

Американските медиуми, експерти, поранешни членови на разузнавачката заедница, политичари водат големи дебати дали постапката на „Њујорк тајмс“ била оправдана или не, дали ја загрозила безбедноста на свиркачот и дали неговиот текст направил мечкина услуга. Главниот уредник на „Њујорк тајмс“ во посебно соопштение се обиде да го оправда текстот. „Претседателот и некои од неговите поддржувачи ја нападнаа кредибилноста на свиркачот. Ние сакавме да испорачаме информации до читателите кои ќе им овозможат да направат сопствена проценка дали е тој кридибилен“. Објаснувањето на Дин Баке е кредибилно, но дали е доволно. Дали и светилникот на слободното новинарство не ја помина границата?

Според толкувањата на американските експерти, свиркачите немаат таква заштита како заштитените сведоци во судски процеси. И дека доколку свиркачот има желба да остане анонимен, новинарите не се обврзани да се водат од таа премиса. Затоа што новинарите не се тие кои побарале информација од нив, а потоа да ги штитат како извори, туку тие информации им биле понудени. Загарантирана заштита имаат само федералните свиркачи.

Овој случај покажува и дека и во големите демократии прашањата за етичноста не се и никогаш нема да бидат затворени. Свиркачот од ЦИА испратил жалба до надлежните институции во разузнавачката заедница и нејзиниот пат веќе не можел да биде запрен, иако бил одложуван. Дали снимачот на исказот на Орце Камчев може да го окарактеризираме како свиркач? Што оддал тој: податоци за погрешни и корумпирани владини политики или чувствителни детали од истрага. Или сакал да доживее одреден момент на слава за која ќе знае само тој. Или, пак, сакал да направи услуга за некоја партија.

Како и да е, овој случај во Македонија го отвори прашањето за што се одговорни новинарите и за пречувствителноста на обвинителството кое изгледа како да не се раководело од протоколи. Многу скромната новинарска поддршка на протестот на свој начин покажа дека колегите не се солидаризираат премногу со начинот на којшто работи порталот. Дека тоа посредно значеше дека законот важи за сите. Но и дека реакцијата на обвинителството е повеќе знак на немоќ отколку на вистински аргументи. И едните и другите допрва треба да пораснат, иако до пред декада-две ги живееја своите зрели години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.