До кога ќе се омаловажува македонскиот полицаец, до кога ќе трпи неправди, до кога ќе оди парталосан со нарушен углед и достоинство, до кога ќе го злоупотребувате полицискиот службеник за ситни политички поени, прашава Орце Коцевски, генерален секретар на Независниот синдикат на полицијата (НСП) во повикот до полицајците да учествуваат на протестот закажан на 2 октомври.
Синдикатот бара донесување на колективни договори и покачување на плата за 25 отсто на секој вработен во полицијата.
Коцевски потсетува на ветувањето дадено од Владата дека ќе добијат подобри услови за работа и повисоки плати, но како што вели, како синдикалци се соочувааат со невидени притисоци при барањето на синдикалните права.
– Не се бираат средства на кој начин ќе бидеме нападнати се со една цел да бидеме скршени, а вие да можете орото да го водите како вам ви одговара, а не како законот налага. Законски оствареното право го злоупотребивте, законски загарантираната репрезентативност не сакате да ја признаете иако, согласно законот, ваша должност е да не вклучите во сите работни групи и да ни ги израмните правата како и на оние другите кои до вчера ви беа непријатели или како милуваа да кажат некои од вас алатка на минатата власт за остварување на сите неправди кои за жал денес ви се најискрени пријатели – вели Коцевски.
Тој додава дека и по три години владеење на оваа власт не е зголемена платата на дел од полицајците иако е најавено зголемување од 5 отсто во септември.
– Да му појаснам на македонскиот граѓанин. Обичен полициски службеник ПОЗОРНИКАР има плата во износ од 22.000 со еден куп додатоци од кои најклучниот 30% додаток на плата за овластувањата кои ги има или 22.000 – 30%= 15.400 денари.Е сега ако од таа плата го извадите додатокот за храна и превоз кој изнесува околу 3.000 денари кој за жал законски не се исплатува во точниот износ туку паушално тоа така негде сте пресметале та вие та претходната власт исто доаѓаме до плата од 12.400 денари или кратко и јасно МИНИМАЛНА ПЛАТА на ниво на државата – вели Коцевски.
Коцевски, како што додава, е разочаран од потценувачкиот однос на политичарите кон полицајците.
-Вашето потценување на оваа професија е разочарувачко, се додека не разберете дека ние се бориме да си го подобриме квалитетот на животот на сите полициски службеници. Вам господо политичари кои не заборавате и воопшто не покажувате почит ќе ве замолам облечете чизми само еден месец, дојдете со нас во Танушевци, Богородица, Стрезимир, Стење на улица во било која полициска станица од општа надлежност нека ви се испотат рамениците, одете со летни јакни во зимски услови помеѓу народот и спроведувајте правда, потчинети и со нарушен углед и тогаш одлучете каков ребаланс или буџет ќе понудите на маса – вели Коцевски.
Тој ги повикува колегите масовно да учествуваат на протестот за враќање на достоинството на полицајците.