Кривичен ќе почитува ама не се согласува со Уставен за казните од Кацарска за адвокатите од „27 април“

746

Уставен ги поништи решенијата и на Основниот кривичен суд и на Апелација за казна на адвокати од случајот „27 април“, а тоа предизвика несогласување од страна на првостепениот суд.

Оттаму велат дека не се согласуваат со ваквата одлука на Уставниот суд, но, сепак, ќе ја почитуваат.

– Кривичниот суд го цени фактот дека одлуката на Уставниот суд не е донесена едногласно и дека истата содржи и издвоени мислења на одредени уставни судии на кои мислења се приклучуваме. Имено, според издвоените мислења со изречените парични казни поради нарушување на редот во судот, апсолутно не е доведена во прашање повредата на правото на мислење и слободата на изразување на мислата. Дополнително е наведено и дека со поништување на одлуките на Кривичниот и Апелациониот суд, Уставен постапува како инстанционен суд, а таква надлежност за поништување одлуки на редовните судови нема – велат од првостепениот суд.

Казните на адвокатите, кои сега се поништени, ги изрече судијката која го водеше случајот, Добрила Кацарска, на едно од рочиштата на кои имаше бурни реакции од бранителите за условите во кои се одвиваше испрашувањето на загрозениот сведок. Сведочењето на сведокот С1 започна во најголемата судница во новата судска зграда, но бргу беше префрлено во судница во старата судска зграда поради технички причини.

Тогаш адвокатите реагираа затоа што во судницата во стариот суд, која е мала ако се земе предвид дека имаше 33 обвинети и уште поголем број бранители, немале услови добро да го слушаат сведочењето на загрозениот сведок и да ги запишуваат неговите изјави. По бурните реакции, на кои новинарите не можеа да посведочат оти јавноста беше исклучена од рочиштето, судијката ги казни со по 1.000 евра и отстрани од судницата. За решенијата кои беа потврдени и од Апелација, двајца од адвокатите во „27 април“, Павлина Зефиќ и Панче Тошковски, поднесоа претставки до Уставен кој ја донесе одлуката тие да се поништат.

Во таа одлука за поништување на решенијата за казна, изгласана од мнозинството во Уставен, се наведува оти на адвокатите им е повредено уставното право на слобода на мислата и на јавното изразување на мислата. Тоа, наведува овој суд, е право кое е во нераскинлива врска со човековата личност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...