Роднини на пациентот, пет-шест лица, го турнале и обезбедувањето на влезот во болницата и се качиле горе на интензивното одделение каде синоќа околу 23 часот, по смртта на 67-годишен пациент, се случил вербалниот инцидент со докторката и медицинскиот персонал. Полицијата била веднаш повикана – изјави денеска д-р Кристијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“ во Скопје.
Тој вели дека пациентот дента во 14 часот бил примен во болницата, во многу лоша здравствена состојба, откако претходно бил одбиен за прием.
– Пациентот беше, да кажам, запуштен, имаше срцеви и бубрежни проблеми, а пред неколку години имал направено и бај-пас, а одел и на хемодијализа. Тој, за жал, починал околу 23 часот, а кога на одделот пристигнале неговите роднини, кои насилно и влегле во болницата, се случил вербалниот конфликт. Дојде и полицијата по што телото е изнесено од болницата од страна на роднините. Точната причина за инцидентот не е позната. На секој различно делува веста за настаната смрт – некои роднини тоа го доживуваат агресивно, некои помирно – појаснува д-р Костов.
Тој вели дека вакви состојби се стресни за вработените.
– Тоа е дел од нашата професија, но кога се работи за здравствена институција, реакцијата треба да биде во рамки на законот. Се надеваме дека набрзо ќе се најде решение за вакви и слични ситуации, имаше серија состаноци на Владата и Министерството за здравство. Ние имаме обезбедување веќе со години – додава д-р Костов кој негираше дека утринава имало протест пред неговата канцеларија.
– Го повикав дежурниот персонал да ме информираат што точно се случило – вели д-р Костов и потврдува дека една од причините за револт кај семејствата на починатите е кога ќе слушнат дека треба да се направи обдукција врз телото на починатиот, во случаи кога некој починал во болница, каде престојувал помалку од 24 часа.
Според законот, обдукцијата е задожителна во овие случаи, но ако семејството инсистира таа да се не врши, тогаш е потребен и налог од јавното обвинителство и полицијата.
Без извештај од обдукција, семејството на починат пациент не може да покрене судска постапка, доколку се сомнева на лекарска грешка.
Ова е последен во серијата напади коишто се случија врз медицинскиот персонал во послените неколку недели, по што во минатиот четврток беше одржан и протест на лекарите и вработените во јавното здравство во кругот на болниците и Клиничкиот центар.
Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека во неколку здравствени установи, меѓу кои и во ГОБ „8.септември“, наскоро ќе има засилено професионално обезбедување.