Договорена е распределбата на колачот за амбасадорските места кои ќе ги пополни партијата на Али Ахмети, дознава Плусинфо. Претседателот на државата Стево Пендраовски веќе најави дека наскоро ќе бидат пополнети повеќето од 27-те испразнети амбасадорски места. Според наши информации, се очекува нов дипломатски кадар да седне во 20 или 21 амбасада.
Како што дознаваме периодов имало интензивни разговори помеѓу шефот на дипломатијата Никола Димитров и владините партнери СДСМ и ДУИ за пополнување на испразнетите амбасади. Неофицијално, ова прашање е затворено со ДУИ, односно дека веќе е договорено во кои и колку амбасади ќе седнат дипломати предложени од партијата на Ахмети.
Нема потврда дали предлозите на Ахмети добиле пас и од Пендаровски. Според информациите, се очекува интегративците листата со новите амбасадорски имиња деновиве да му ја достават и на претседателот Пендаровски. Наскоро се очекува да се докомплетира списокот со новите амбасадори предложени од СДСМ, а на амбасадорска фотелја се надеваат и некои од помалите владини партнери.
Од Кабинетот на Пендаровски велат дека се во тек консултациите за листата за идни амбасадори.
Шефот на државата во интервју за Сител рече дека во завршна фаза се разговорите со релевантите министри и со Владата, и во наредните недели ќе го заокружат списокот, и ќе се обидат да затворат најголем дел од 27-те испразнети амбасадорски места.
Од друга страна се отвора дилемата дали има ли разидување меѓу шефот на македонската дипломатија Димитров и шефот на државата Пендаровски за евентуално затворање на македонски амбасади во странство? Додека претседателот веќе најави дека клуч ќе се стави на најмалку четири амбасади од Министерството за надворешни работи се воздржани за потребата од евентуално затворање или отворање на ДКП-а.
Анализата која ѝ ја порачал Пендаровски на МНР покажала дека четири амбасади треба да се затворат, а шефот на државата во интервју за Сител рече дека можно е да бидат затворени пет амбасади.
Државава во моментов има 57 дипломатско-конзуларни претставништва, од кои 27 се празни.
Од МНР за Плусинфо велат дека во континуитет се прават анализи за потребата од евентуално затворање или отворање на ДКП-а согласно надворешно-политичките приоритети и дипломатските капацитети.
– Се работи за долг и сложен процес во кој се вклучени Министерството за надворешни работи, Претседателот на државата и Владата. Особено е комплексно прашањето на затворање амбасади, бидејќи во услови на намалување на буџетот изминатите години сме отворале амбасади, што влијае на функционалноста. Од друга страна, прашањето е многу важно и деликатно и одлука може да се донесе само по целосна анализа што ќе ги земе предвид политичкиот, дипломатскиот, економскиот, конзуларниот, културниот, финансискиот и други аспекти – велат од МНР.
Пендаровски пак веќе најави дека ќе има затворање на амбасади и дека во наредните недели ќе се дефинира списокот кои амбасади на земјава во странство ќе бидат затворени.
– Постои една анализа што ја нарачав од МНР веднаш штом дојдов за претседател, да ми дадат функционална анализа како работи нашата дипломатско-конзуларна мрежа. Таму има предлог за затворање на четири, петтата е под знак прашање, четири амбасади минимум, каде што ние немаме голем резон да останеме со дипломатско присуство – рече Пендаровски во интервјуто за Сител.
Според него, тоа се држави во кои нема реципроцитет од кај нас се покриваат од друга држава, нема резидентен амбасадор во Скопје, а нема ниту значајна трговска или економска соработка со тие држави.
Шефот на државата пред речиси еден месец на состанокот на Амбасадорскиот совет првпат најави дека ќе се рационализираат капацитетите на ДКП-та односно некои ќе се затворат, а некои ќе бидат редуцирани, затоа што, како што рече, не го оправдале нивното постоење ниту од аспект на продукција, ниту од аспект на нашиот геостратешки интерес, дијаспора, трговски и економски релации .
На ова реагираше пратеникот и ексминистер за надворешни работи Антонијо Милошоски. Тој оцени дека затворањето на амбасадите е дипломатска анти-реформа. Милошоски повикувајќи се на свои извори во МНР рече дека најверојатно клуч се спрема за амбасадите во Казахстан, Естонија, Норвешка и/или Данска и го повика Димитров да се изјасни за тоа.
– Објаснувањето на Пендаровски беше дека тоа се прави бидејќи тие земји немаат свои амбасади во Македонија или пак со нив немаме обемна трговска размена. Ова е многу површно објаснување за еден ваков анти-реформски потег за македонската дипломатска мрежа, а исходот ќе биде само уназадување на капацитетот за промовирање на економско-политичките интереси на Македонија на меѓународен план, напиша на Фејсбук Милошоски.
Иако побаравме, од МНР не одговорија дали е точна информацијата што ја пласира Милошоски за затворање на тие амбасади. Нема одговор ни на прашањето кои амбасади се препорачува да бидат затворени.