Речиси половина од Австријците сметаат дека муслиманите не треба да ги имаат истите права како нив, покажуваат резултатите од најновата анкета на Универзитетот во Салцбург, објавена неколку дена пред парламентарните избори.
Од анкетираните, 45 отсто сметаат дека проповедачите на исламот не треба да ги имаат истите права како останатите граѓани во Австрија.
Покрај тоа, 70 проценти од учесниците во анкетата велат дека исламот нема место во западниот свет. Мнозинството Австријци сакаат муслиманите да бидат ограничени во нивните религиозни практики и велат дека понекогаш се чувствуваат како странци во својата земја поради нивното присуство.
Од анкетираните 55 отсто стравуваат дека некои муслимани се терористи. Покрај тоа, 48 проценти инсистираат џамиите да бидат забранети.
Во Австрија, каде што 8 проценти од населението се определени како муслимани, исламот е признат како религија од 1912 година.
Според анкетата, екстремно-десничарските гласачи, оние без образование и оние над 75 години се најнепријателски настроени. Од друга страна, гласачите на Зелените, луѓето под 30 години и со високо образование се позитивно настроени во врска со муслиманската религија.