Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски во интервју за МИА нагласува дека основен приоритет е да се заврши реформата и да отпочнат со работа како релевантен безбедносен субјект, што ќе има капацитет да одговори на современите безбедносни предизвици и да се грижи за националната безбедност.
Пред за утре најавената работна посета на АНБ од страна на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, тој посочува дека определба на раководство е да имаат нов пристап, целосна отвореност кон јавноста, целосно транспарентни во однос на надлежните собраниски комисии.
Димовски говори и за забелешките во јавноста во однос на селекцијата на кадрите вработени во Агенцијата. Тој вели дека комисијата одржала 39 состаноци во изминатиот период и конечно ја усвоила листата со потребниот број вработени кои ги задоволуваат критериумите кои претходно биле утврдени.
Нема да дозволиме, истакнува, во Агенцијата да работат евентуално луѓе кои имаат конфликт на интереси, да има припадници кои не ги исполнуваат општите и посебните услови. Потенцира дека воделе сметка за законската обврска за правична застапеност, но и строго ги почитувале одредбите од членот 67 од Законот за кандидатите за вработување или на оние кои работеле во поранешната УБК со евентуално двојно државјанство.
Важно е да се напомене, подвлекува тој, дека ветингот на претставува чин, туку процес и за сите дополнителни сознајнија што ги имаме и за веќе селектирани кандидати, ќе бидат преиспитани во рамки на еден процес на проверка и ќе се раководиме врз основа на добиените резултати од тој процес на проверка.
Во оваа фаза, информира Димовски, направен е реветинг за веќе селектираните кандидати, меѓутоа тој процес во континуитет и периодично се обновува и се прават дополнителни проверки.
– Секогаш кога ќе добиеме одредени дополнителни сознанија дека за кој било од вработените постојат одредени информации кои ги доведуваат во прашање општите и посебните услови од член 67 од Законот, секако дека тие дополнителни информации се испитуваат и во контекст на добиените сознанија се преземаат натамошни мерки – вели Димовски.